Македонија
18. January 2017 - 8:09

Подгответе се: Обилни врнежи од снег

Времето во Македонија ќе биде oблачно со врнежи од снег. Претпладне врнежите ќе бидат послаби и локални, а попладне почнувајќи од запад ќе се интензивираат, соопшти УХМР.

Најобилни ќе бидат кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните и јужните делови од земјава. Во крајните југоисточни делови врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен и североисточен правец, што ќе услови можна појава на снежни навеви. Дневната температура ќе биде во интервал од -1 до 4 степени.

Во Скопско облачно со повремени врнежи од снег, во текот на денот послаби, а пообилни кон крајот на денот и во текот на ноќта. Снежната покривка ќе се зголеми за околу 15 до 20 см нов снег. Ќе дува умерен северен ветер. Максималната температура ќе биде околу 1 степен над нулата.

Утре во текот на претпладнето почнувајќи од запад врнежите ќе престануваат, а на истокот ќе се задржат до пладне и рано попладне. Од петок се очекува стабилизација на времето и намалување на облачноста.