Почна учебната година без сериозни проблеми - продолжува трендот на се помал број првачиња
Заврши летниот распуст.. Основнците и средношколците денеска се вратија во училишните клупи. Најсреќни се децата кои за прв го слушаат училишното ѕвоно. Според податоците од Министерството за образование и наука, годинава се запишани 20. 437 првооделенци.. Во 10-те општини на градот Скопје, со настава започнуваат 6.159 првачиња.
Речиси сите училишта подготвени го дочекаа стартот на новата школската година. Реконструирани тоалети, молерисани ѕидови, обновена столарија. Спремни за старот на училишната година се и наставниците но и раководителите на училиштата.
На првиот училишен ден, Министерката за образование и наука од Куманово порача дека Министерството ќе има еднаков пристап кон сите училишта во државата без разлика на тоа дали се раководени од градоначалници на власта или опозицијата. Тренеска-Дескоска нагласи дека загрижувачка е состојбата со континуираниот пад на бројот на ученици во Македонија. Според податоците на заводот за статистика, во изминатите години, бројот на запишани ученици во основно образование е намален за над 20 проценти.
Од Министерстото за образование и наука информираат дека средно образование годинава почнуваат да следат повеќе од 17 илјади ученици, а вкупниот број на ученици во основните и средните училишта во земјата изнесува околу 250 илјади.
Инаку на почетокот на школската година реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Обвинува дека со ребалансот на буџетот се скратени огрумни суми на пари за капитални инвестиции во образованието.
Од СДСМ пак преку писмено соопштение велат дека владата обезбедила дополнителни 45 милиони денари за стипендии и школарини како и за подигнување на студентскиот стандар.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
