Македонија
22. April 2017 - 16:26

По скоро два месеци на улиците, граѓаните вчера го објавија Македонскиот народен документ

Одржување на нови предвремени парламентарни избори е основната цел на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија. По скоро два месеци на улиците, граѓаните вчера го објавија македонскиот народен документ/

„Бараме предвремени парламентарни избори во Република Македонија. Избори на кои народот ќе ја отфрли во целост Тиранската платформа, направена во друга држава под патронат на премиер на друга држава!!!
 
Од денес натаму ИЗБОРИ се основното барање на Граѓанската иницијатива „За Заедничка Македонија“, на сите Македонци, Абанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци кои нè поддржуваат. Ова барање е логичен и рационален продолжеток на сите наши досегашни цели. И затоа велиме НЕ ЗА ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА! ДА ЗА ИЗБОРИ ЗА ФИНАЛНА ПОБЕДА!
 
Од граѓанската иницијатива побараа пратениците веднаш да свикаат седница со единствена точка на дневен ред, распишување на предвремени парламентарни избори. 
 
„Ќе отпочнеме консултации со сите релевантни општествени субјекти, ќе ја побараме и ќе ја добиеме нивната поддршка затоа што имаме благородна цел. Избори! Избори за народен легитимитет на институциите! Избори за отфрлање на разнебитувачките сценарија и отфрлање на соросовите пари за корумпираните политичари и нивните полуги. “

Од СДСМ утрово преку писмено соопштение веднаш го отфрлија барањето на граѓанската инцијатива, повторувајќи го ставот за брзо формирање на нова влада.

„Македонија има легитимно парламентарно мнозинство од 67 пратеници зад кое застанаа околу 700 000 граѓани. Должност на тоа мнозинство е да избере нов претседател на Собранието, согласно Уставот, законите и Деловникот, а потоа и нова реформска Влада која ќе ја заштити унитарноста и ќе обезбеди правда и квалитетен живот за сите.“ – велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека веќе предложиле повеќе решенија за излез од кризата, меѓу кои и поддршка во Собранието за малцинска влада доколку СДСМ се откаже од тиранската платформа како и одржување на нови избори, како што бараат и граѓаните.

„Предлагавме градење на консензус околу прашања опфатени во Патоказот, како решение за излез од состојбите. На долг рок предложивме и Манифест кој ќе гарантира политичка стабилност.

Предложивме и предвремени парламентарни избори како најефикасно и најбрзо решение, бидејќи на тој начин граѓаните јасно ќе кажат што мислат околу тиранската платформа.  ВМРО-ДПМНЕ е целосно подготвено за нови предвремени парламентарни избори кои би се одржале на ист трошок со редовните локални избори“ – велат од партијата.

Барањето на граѓанската иницијатива За заедничка Македонија доаѓа во време на длабока политичка криза во која пратениците скоро половина година не можат да се договорат околу изборот на државното раководство.