Спорт плус
19. јуни 2023 - 8:07

Петкратната германска олимписка шампионка и полицајка Клаудија Пехштајн под истрага заради расизам

Германската федерална полиција покрена истрага против петкратната олимписка шампионка во брзо лизгање, 51-годишната Клаудија Пехштајн, која инаку е полицајка, поради можни прекршувања на законите за државните служби и расистички изјави.

На настанот на опозициската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) во саботата во Берлин, Пехштајн се појави во униформа и одржа говор во кој повика на депортација на одбиените баратели на азил, велејќи дека тоа ќе обезбеди поголема безбедност во секојдневниот живот.

Пехштајн смета дека подобрувањето на безбедноста во Германија е поважно од политичката коректност.

Нејзините изјави го предизвикаа бесот на германската левица.

-Полицаец во униформа држи говори на партиска конференција? Во моментов ги тријам очите со неверување, напиша на Твитер социјалдемократот Себастијан Фидлер, кој е главен криминалистички детектив во Германија и пратеник во германскиот Бундестаг.

Фидлер побара транспарентност и мониторинг од германското МВР.

Претседателот на ЦДУ, пак, Фредрих Мерц го пофали говорот на Пехштајн на настанот организиран од неговата партија, нарекувајќи го нејзиниот настап „брилијантен“.

Портпаролот на Федералната полиција вчера изјави дека полицијата дознала за инцидентот и дека веднаш започнала истрага.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи првично одби да коментира.

Портпаролката на ЦДУ синоќа изјави дека пред говорот не било јасно дали Пехштајн ќе носи униформа на федералната полиција.

Пехштајн освои пет златни, две сребрени и два бронзени медали на Зимските олимписки игри.

Во 2021 година, Пехштајн се кандидираше на листата на ЦДУ на изборите за Бундестагот во Берлин, но не беше избрана.