Македонија
15. April 2022 - 16:38

Петков тврди дека не потпишал документ, Османи вели дека се водат интензивни разговори

Бугарија го демантира Османи. Нема никаков нов предлог документ за решавање на спорот, барем не од бугарска страна. Премиерот Петков одговори на информацијата која вчера ја сподели македонскиот министер - дека постои документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија.

Петков утре во придружба на повеќе бугарски политичари од власта и опозицијата ќе биде во Битола, на настан организиран од бугарската амбасада во земјава.

“Бидејќи ова утро патував, не сум видел каков е тој документ. Нема никаков документ од бугарска страна кој јас сум го потпишал. Секогаш сме се воделе од коалициониот договор и рамковната позиција. А зошто одам? Тоа е задача на бугарската влада, бугарската заедница да биде поддржана. Работиме заедно да го унапредиме приоритетот на тие луѓе во МКД општество. Тре ќе бидеме многу луѓе од многу партии, тоа покажува поддршка за бугарската заедница”

Се огласи и бугарското МНР. Во соопштението во врска со вчерашната изјава на Османи се вели дека за време на состанокот во февруари, Бугарија ја информирала Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат.

А тие се во полн ек, вели Османи денеска од Сараево.

“Ние сме во интензивна фаза на разговори за надминување на разликите со нашиот сосед...Блокадите создаваат фрустрации...работиме и на реформите дома”

А по најавите дека Албанија ќе се одвои од преговарачкиот пакет се огласи и американскиот Стејт Департмент. Ставот на САД е дека тоа е внатрешно прашање на Унијата.

“Ние имаме билатерални партнерства со земјите за кои станува збор, како и со ЕУ и во врска со ова подобро е да се обратите до овие земји и до Унијата”

Засега во Брисел нема големо расположение за раздвојување на Македонија и Албанија, а вчера во групата земји кои се против оваа идеја се приклучи и Романија.