Свет
21. September 2017 - 22:04

Папата вети најстроги мерки против педофилите меѓу свештенството

Папата Францискo денеска вети „најстроги мерки“ против свештениците кои силуваат и вршат блуд врз деца и изјави дека ќе бара одговорност од епископите и други високи духовници кои ги прикриваат тие дејства.

Во денешната изјава Папата повторно вети „нула толеранција“ за сексуалните насилства. Тој истакна дека чувствува длабока болка и срам поради тоа што деца биле повредени од свештеници, од луѓе во кои треба да имаат најголема доверба.

– Сакам да повторам денеска дека Црквата ќе одговори со примена на најстроги можни мерки против оние кои не успеаја да ја извршат својата должност и посегнаа по Божји деца, рече Франциско и истакна дека таквите санкции треба да се прилагодат за сите кои работат во црковни институции.

Франциско првпат се сретна со Консултативната комисија за сексуална злоупотреба, група надворешни експерти именувани во 2014 година со цел да го информираат Светиот отец и Католичката црква за најдобрите практики за спречување на педофилите од редот на свештенството и за заштита на децата.

Комисијата организираше образовни семинари во епархиите низ светот, но наиде на силно спротивставување од страна на Ватикан во однос на некои свои предлози, така што најугледниот член, ирката Мери Колинс, која доживеала сексуално насилство, во март разочарана ја напуштила Комисијата.

Правилата и членовите на Комисијата се предмет на разгледување, а се уште не е јасно дали нејзиниот иден состав ќе продолжи да вклучува луѓе кои биле сексуално малтретирани од верски лица.