Свет
19. February 2016 - 14:14

Папата „има разбирање“ за користењето контрацепција за заштита од зика

Папата Францис изјави во Мексико дека би можело да биде разбирливо користењето контрацепција, во случајот на ризик од вирусот зика, пренесува „Гардијан“.

Според толкувањето на поглаварот на католичката црква, абортусот „останува да буде злосторство“ но дека спречувањето на бременоста „не е секогаш зло“.

Ваквото толкување на папата, за контрацепцијата, која католичката црква не ја дозволува, предизвика голем публицитет во земјите од Латинска Америка, каде вирусот зика продолжува забрзано да се шири.

Медицинските експерти потврдија дека вирусот е опасен за бремените жени кои раѓаат бебиња со микроцефалија, затоа што вирусот, што се пренесува од комарци, го оштетува фетусот во утробата на мајката.

На крајот од својата шестдневна турнеја во Мексико, папата бил запрашан како најдобро Латинска Америка да се справи со вирусот.

Во објаснувањето папата се послужил со теоријата за „помалото од двете зла“ па дека во случајот со заштитата од вирусот зика и заканата да се раѓаат дефектни деца, помало зло (за црквата) е контрацепцијата, отколку абортусот.

Во елаборацијата на ова свое толкување, папата потсетил дека пред многу години, еден негов претходник, папата Павле Шести, дозволил калуѓерките во Африка да користат контрацепција.

Станува збор за шеесетите години од 20 век, кога тогашниот поглавар на католичката црква, дозволил калуѓерките во овој дел од светот да се заштитуваат од зачнување, што беше и останува грев за црквата, за да не се случи тие да останат бремени, при силувањата на кои биле изложени.

Мнозинството латиноамерикански држави го имаат ставено абортусот, надвор од законот, третирајќи го како „убиство“ на плодот кај мајката и го дозволуваат само кога е потребно да се спаси животот на една жена.

Се верува дека со толкувањето на папата Францис и потсетувањето на едно дамнешно решение од пред половина век, им е оставена можноста на католичките семејтсва, во зоните опфатени со вирусот Зика, самите да одлучат како да се справат со болеста, а притоа да не ризкуваат да добијат бебе со микроцефалија, но и да останат достојни верници

Религиозни експерти, во изјави за локалните медиуми рекле дека пораката на папата до католиците во Латинска Америка соочени со опасниот вирус за религиозните експерти претставува „исклучително важен момент„ за црквата, иако не станува збор за простување на „гревот„ (со употребата на контрацепцијата).