Македонија
14. August 2017 - 9:11

Осум уметници ќе учествуваат на ликовната колонија „Галичник 2017“

Осум уметници, двајца домашни и шест странски, ќе учествуваат на традиционалната, 28-ма ликовна колонија „Галичник 2017“, која ќе се одржува од 15-ти до 22 август во селото Галичник.

Ќе учествуваат уметниците Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс од Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулиа Хопкинс од Велика Британија, Рената Папишта од Босна и Херцеговина, Рок Богатај од Словенија и Ана Јовановска и Ангел Миов од Македонија.

Како што информираат организаторите, во поглед на идејната структурираност колонијата веќе осма година се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа-уметностите па, генерално, поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс...

- Покрај престојот и работата во селото Галичник, кое со својата богата историја, традиција и природна убавина ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот „Св. Јован Бигорски“, а ќе биде организирана и еднодневна посета на градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко, истакнува Ана Франговска, претседател на Ликовната колонија во Галичник.