Македонија
13. January 2018 - 16:08

Остри реакции на поранешни високи функционери на СДСМ на изгласаниот Закон за албанскиот јазик

Носењето на законот за јазици кој предизвика бурни реакции во јавноста, мета на критика на поранешни високи функционери на СДСМ. Поранешниот потпретседателот на СДСМ Ана Павловска Данева од претходното раководство на Заев, смета дека таков  закон не треба да се носи без присуство на опозицијата во Собранието.

„Јас не знам дали се одредени членови неуставни, за тоа може да се произнесат експертите по Уставно право. Можам да кажам само дека закон од такво општествено и политичко значење не треба да се носи без присуство на опозицијата во Собранието, ниту пак во скратена постапка. А, европското знаменце, се чини, никому не му е јасно зошто му беше прикачено“, смета Ана Павловска Данеца за порталот Фактор.

Според професор Каролина Ристова Астеруд поранешна пратеничка на СДСМ, законот за употреба на јазици е тиранија на малцинството. На истиот став како  Данева е и Астеруд, дека таков закон не смее да се носи без опозицијата ниту пак е оправдана примената на европско знаменце под кое се носеше законот. Астеруд смета дека текстот содржи бројни небулози за кои сметала дека ќе се остранат, но сепак вели законот беше донесен на политички нож, на политичко и правно силување.

- Најголемата лага е онаа што најнепосредно засега – дека не се воведува ефективна и сеопфатна двојазичност на целата територија на државата, а ако цепидлачиме, по правото на ЗУЈ е „теоретски“ можна и повеќејазичност, секако ако во даден контекст има и друга/други заедница/ци со над 20% во некоја единица на локалната власт или на ниво на централната власт, смета Каролина Ристова Астеруд.

Астеруд предупредува, примената на овој закон ќе ги засегне и финансиски сите граѓани на РМ.

И академик Катица Ќулавкова реагира на социјалните мрежи: 

„Трагично е кога ќе си го смениш идентитетот на државата сам, дома, однатре, со тапија“. По ова се разви дебата во која Ќулавкува пишува:

„Идентитетот на државата РМ се менува и статусот на нејзиниот конститутивен народ и државен јазик. Се гледа дека не сте го читале Законот. Сите јазични права и досега ги имаа македонските Албанци, ама македонскиот беше единствен државен, а сега ќе има два државни јазика и тоа менува и повредува многу нешта“.

Како поткрепа на своите ставови Ќулавкова потенцира,

„2018 година, двојазичност. Официјалната страница на Општина Чаир сè уште нема опција на македонски јазик. Технички има, меѓутоа, откако е направена страницата (2008 година) до ден-денес пишува дека е во изработка. Буква дневно да ставаа, ќе ја изработеа досега. Зборувајте ми за соживот :)“.

Академик Катица Ќулавкова, заедно со професорката Гордана Силјановска-Давкова од Правен факултет „Јустинијана Прима“ и Симона Груевска-Маџоска од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, во средината на минатиот месец упатија отворено писмо против Законот за употреба на јазиците, со чие усвојување вчера албанскиот јазик станува службен на целата територија на државата.