Македонија
19. November 2017 - 16:19

Османи: 2018 е златна година за решение на спорот со името

Мораме да им објасниме на граѓаните дека за името мора да се најде компромис и дека тие нема да бидат среќни со решението. 

2018 е златна година за надминување на спорот меѓу Македонија и Грција, смета македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи во интервју за грчкиот весник Катимерини.

Османи вели дека токму тоа е на врвот на владините приоритети потенцирајќи дека Македонија пред вратите на НАТО и Европската Унија носи опасност од зголемување на руското влијание.

Работиме за да градиме мерки за доверба и да им објасниме и на двата народи дека треба да се најде компромис. А ако се најде компромис ќе станеме најдобри пријатели во регионот, бидејќи имаме заедничка европска иднина. Се наоѓаме во 21 век каде што отстапките и консензусите се неопходни, впрочем ако сакаме да станеме член на ЕУ треба да научиме да го правиме тоа“ – вели Османи за Катимерини.

Тој додава дека во Македонија нема да се повтори политиката на именување на патишта и аеродроми со имиња кои би и пречеле на Грција, потенцирајќи дека во Владата веќе има размислување за промена на актуелните имиња и се чека конечна одлука.

Интервјуто на Османи за грчки Катимерини доаѓа непосредно пред неговата посета на Атина која е најавена за наредната недела и во рамките на која тој треба да оствари средба со грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас.