Македонија
15. December 2015 - 15:10

Општина Штип го заврши проектот „ Вмрежување на Мултимедијални центри во прекуграничните регони-Креатива“

Општина Штип доби нов Мултимедијален центар, а бугарската општина Гоце Делчев реконструирано Народно читалиште преку Програмата за меѓугранична соработка Македонија-Бугарија, која е финансирана од Фондовите на ЕУ, истакна на денешната завршна прес-конференција градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Проектот„ Вмрежување на Мултимедијални центри во прекуграничните регони-Креатива“ е со вредност од 484.302 евра. Штипскиот градоначалник потенцираше дека општината максимално го поддржа проектот со кофинансирање од 190.000 евра.

Новиот Мултимедијален центар е лоциран на местото на старото Летно Кино во Штип, а во него ќе биде сместен Кластерот за креативна индустрија на Источно планскиот регион, канцелариите на Центарот за развој на источно планскиот регион, а има и конференциска сала, како и сала за културно-уметничнки настани.

- Преку овој проект не само што добивме два објекти Штип и Гоце Делчев, значи добивањето на пари преку Фондовите на ЕУ се едната димензија, а за да ги земе тие пари од ЕУ фондовите моравме да направивме добри проекти. Со изградбата на двата објекти оставаме и трајни вредности за идните генерации. Најважно е што преку овој проект добивме и пријатели, со кои ќе аплицираме на нови проекти и на следниот повик, рече Захариев.

Градоначалникот на бугарската Општина Гоце Делчев, Владимир Москов на денешната прес-конференција најави дека добрата соработка со Штип ќе продолжи во изготовка на нови проекти, со кои ќе аплицираат до ЕУ фондовите. Според него функцијата на еден градоначалник и на општинската администрација е да реализираат проекти кои се од интерес за граѓаните.

Општина Штип проектот „Вмрежување на Мултимедијални центри во прекуграничните региони – Креатива“ го реализираше заедно со Центарот за развој на Источно планскиот регион(ИПР).  Директорката на Центарот за ИПР, Драгица Здравева рече дека Мултимедијалниот центар во Штип ќе има регионален карактер, а градежната компанија Актива веќе го има изградено објектот и работи на уредување на просторот околу него, со што се очекува до крајот на годината центарот да биде и комплетно завршен и свечено отворен.