Македонија
20. January 2016 - 16:39

Охриѓани го празнуваат Денот на рибарите

Празникот Водици и Богојавленските чествувања во Охрид продолжија и денеска на Соборот на Свети Јован Крстител, со капење на рибарите на Сараиште, како продолжение на воспоставената традиција на тој начин да се одбележува завршувањето на забраната за риболов на Охридското Езеро после зимскиот мрест.

Манифестацијата и оваа година беше збогатена со културно-забавна програма, со староградска музика, греано вино, топла ракија, како и пача што ја приготвија студентите од Факултетот за туризам и угостителство, но и 1,6 тони рибна чорба приготвена од учениците и професорите на Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.

- За проготвувањето на чорбата употребени се 300 килограми риба, 60 килограми морков, 40 килограми целер и пашканат, 50 килограми брашно, 80 литри зејтин и зачини. Тоа е некаде околу 1,6 тони чорба, доволна за шест илјади порции, истакна главниот готвач Блаже Јорданоски, професор по гастрономија.

За манифестацијата „Денот на рибарите“ што од оваа година е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, како што истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, се преземени активности во насока на нејзино збогатување, а кои би придонеле за продолжување на туристичката сезона во градот, настрана од летниот период.

Тој истакна дека огранизирањето на прославувањето на празникот Водици е резултат на широка консултација со сите субјекти што во минатото биле инволвирани во тие активности, како и самите граѓани, така што на неколку одржани координативни состаноци било договарано како во иднина е најдобро да се организира прославувањето на празникот Богојавленски водосвет

- Сметаме дека сепак Охрид е град кој се издвојува од другите градови токму поради духовноста и култот кон религијата и затоа во размислувањата на Охриѓани и организаторите на Водици преовладуваше мислата дека токму духовното треба да доминира, односно првенствено и единствено духовниот сегмент да биде главно одбележје на празникот, особено за 19 јануари, а не придружните манифестации, истакна Бакрачески, забележувајќи дека лично смета оти во таа насока треба да се организираат активностите што би придонеле за промоција на Охрид како дестинација за верски туризам.