Свет
8. November 2016 - 10:15

Обама претседател кој го разочара исламскиот свет

По осум години агресивна и непријателска политика, која кон исламскиот свет ја водеше Џорџ Буш, а која ќе остане запамтена по две масивни интервенции во Авганистан и Ирак, со доаѓањето на новиот човек на претседателското место очекувањата беа дека односот на САД кон тој дел на светот ќе биде, ако не радикално поинаку, тогаш барем суштински предефинирано.

Кога на претседателските избори победи Барак Обама, човек кој со појавата, однесувањето и јавно изнесените ставови, навести дека неговото разбирање на исламскиот свет нема ниту една допирна точка со агендата која ја спроведуваше администрацијата на Буш, светот претпоставуваше дека овие два нееднакво моќни поларитети, почнуваат да градат сосема нови односи.

Од првиот потег кој го направи новиот претседател на Америка со афроамериканско потекло Барак Обама, можеше да се предвиди дека почнува сосема нова ера во односите меѓу САД и исламскиот свет. Со говорот одржан на Универзитетот во Каиро, Обама повика на создавање на нови релации, потенцирајќи дека „кругот на сомнежите и несогласувањата мора да се намали”.

За лошите односи меѓу исламскиот свет и САД американскиот претседател ги обвини „насилните екстремисти” кои според негово мислење, ги искористувале тензиите кои евидентно постоеја меѓу неговата земја и муслиманскиот глобус.

Обама во Каиро вети дека ќе ги повлече трупите од Ирак, наговестувајќи дека дошло време да се преиспитаат односите со Иран и дека чукнал конечниот час да се реши повеќедеценискиот конфликт меѓу Израел и Палестина и тоа на начин спротивставените заедници да изградат сопствени, самоодржливи, државни заедници кои ќе функционираат една покрај друга. 

Добра волја и лоша политика

Согледувајќи од денешна перспектива почнатите иницијативи на Обама во „смирување” на геостратешките спротивставени страни, надворешно политичкиот аналитичар од Сараево Хајрудин Сомун забележува дека американскиот претседател имал добра волја да ги подобри меѓународните односи, но дека конкретната политика била сосема поинаква.

Позитивни исчекори правеше само во првиот мандат додека во вториот, поради односите со политичките сили внатре во САД, значајно ја корегираше политиката на „смирување” со исламскиот свет. „Обама барем покажа добра волја да ја корегира американската политика кон светот на исламот, што го најави во својот познат говор на Каирскиот универзитет во мај 2009 година и одбирајќи ја Турција како прва дестинација на патување надвор од САД. Во првиот мандат, со повлекувањето на трупите од Авганистан и Ирак, сакаше да ја намали улогата на Америка како светски полицаец и на муслиманските земји да не им го наметнува западниот систем на демократија. Во вториот мандат не успеа да ја оствари својата визија, бидејќи не успеа да се спротивстави на финансиските магнати и воената индустрија кои доминираат во американскиот Конгрес. Како исклучителен пример е неговото попуштање во вториот мандат на неоконзервативниот естаблишмент во поглед на политиката кон Израел и палестинскиот проблем”.

Надворешнополитичкиот коментатор Муфид Мемија смета дека мора да се види дискрепанца меѓу Обамините „помирливи” говории политиката на неговата земја, која е спроведена во години кои следеа по денес веќе „прочуениот” каирски говор. Се присетува дека очекувањата во исламскиот свет од новиот претседател на САД беа големи, исто како што беше големо и разочарувањето кога се сфати дека политиката на САД се менува помалку од што се очекуваше.

„Најблаго кажано, односот на Барак Обама и муслиманскиот свет беше противречен, од самиот почеток на неговиот мандат. На почетокот, неговите говори и воопшто, неговите вербални апелации упатени на исламските народи, беа дочекувани со отворени симпатии и големи надежи, посебно на Блискиот исток. Се уште памтиме како по обраќањето на Обама на Каирскиот универзитет, во почетокот на јуни 2009 година, на исламските хоризонти се разлеа радосно цунами на воодушевување. Обичните луѓе во тој дел од светот поверуваа дека американскиот однос кон муслиманите навистина почнува да се менува на подобро. Меѓутоа, таквата доверба и во тој американски претседател драстично се намалуваше во муслиманските земји”. 

Судирот на Израел и Палестина

Неуспехот на политиката на Обама кон исламскиот свет најмногу се гледаше во неговата немоќ да го заврши повеќедеценискиот конфликт меѓу Израел и Палестина, па судирот меѓу двете нации остана најголем генератор на проблеми во целиот Блиски исток. Непроменета остана и безусловната поддршка на сите држави сојузнички на САД во регионот без оглед што жителите на тие земји продолжија да трпат неправди под „недемократски” и „репресивни” режими.

Мемија смета дека таквиот однос на САД кон земјите на муслиманскиот свет, посебно кон тие во кои претежно живее арапско население, е обликуван пред се од финансиските и стратешките интереси.

„Зборувајќи со јазик на факти, мораме да кажеме дека и Обамината политика кон тој дел на светот беше рамнодушна во однос на страдањата на жителите во земјите кои се американски сојузници (Египет, Тунис, монархиите во Заливот...), а посебно кон Палестинците под окупација на Израел. Ќе ја цитирам свечената декларација од веќе наведениот говор на претседателот Обама на Каирскиот универзитет: - Да ги расчистиме сите сомнежи: состојбата во која се наоѓа палестинскиот народ е неподнослива. Америка нема да сврти грб на легитимните стремежи на Палестинците за дигнитет, стекнување на права и сопствена држава”.

„А вистина е дека господин Обама во своите полни два претседателски мандати воопшто не успеа да ја подобри положбата на Палестинците. Напротив, Израел секојдневно им ги зголемуваше страдањата и понижувањата на тој горд народ. А зошто таа состојба се уште трае на Блискиот исток, јасно е на сите кои ја знаат внатрешната динамика на американската политика, во чија основа се доларот и алчноста, а не моралот” - јасен е Мемија. 

Арапската пролет, дестабилизацијата на Турција, ИСИС

За време на мандатот на Обама исламскиот свет претрпе коренити внатрешни промени, па иако немаше официјална видлива вмешаност на САД во настаните на „Арапската пролет” во кои неколку автократски режими беа срушени, во тоа што денес обично се нарекува „народни револуции”, аналитичарите сметаат дека со сите превратнички процеси диригирала ЦИА.

Најеклатантни примери на промени на политичките состојби секако се Тунис, Египет и Либија во кои долгогодишните автократски претседатели Бен Али, Мубарак и Гадафи, по масовните народни протести беа срушени од власта. Бранот на „демократската слобода” ги зафати уште неколку земји, но само во трите наведени беше создадена критична маса да се срушат системите на државните режими. Мандатот на Обама беше одбележан и со убиството на Осама бин Ладен, создавањето на ИСИС и обидот за државен удар во Турција, настани кои како што тврдат американските аналитичари ги поттикнала ЦИА, а се по налог на администрацијата на Обама. Од друга страна, мора да се забележи дека во времето на Обаминото водење на американската надворешна политика дојде до приближување на САД и Иран и јакнење на односите со стратешките сојузници во јужна Азија, Пакистан и Бангладеш, кои беа нарушени во време на админстрацијата на Буш.

Како што стојат работите, крајот на мандатот на Обама ќе го одбележи уште еден спор произлезен од неусогласените ставови меѓу претседателот и американските пратеници. Имено, ветото на Обама на законот кој дозволува на семејствата жртви од нападите на 11 септември 2001 година, да ја тужат Саудиска Арабија, е поништен во двата дома на американскиот Конгрес. За таа постапка Обама рече дека е „опасен преседан” кој ќе ја загрози политиката на борбата против тероризмот и ќе внесе нестабилност во односите на долгогодишните сојузници. 

Трамп или Клинтон

Каква политика кон исламскиот свет ќе води наследникот на Обама, е прашање кое се почесто се поставува.

Сомун смета дека ако победи Хилари Клинтон американската политика кон исламскиот свет ќе остане непроменета, а дека од нејзината победа најголема корист ќе има Израел, чие делување нема, барем кај администрацијата, посебно да се анализира и критикува. Победата на Трамп, вели тој, отвара поле на непознати насоки.

„Со Хилари Клинтон е јасно, таа одамна е определена за стриктна поддршка на сегашната израелска политика на Средниот исток, со самото тоа што рече дека првиот ден од претседателскиот мандат ќе го покани во Вашингтон израелскиот премиер Нетанјаху. Веројатно би заземала по остар став од Обама кон другите проблеми во светот на исламот (ИСИС, Сирија, нуклеарниот договор со Иран). За Трамп, напротив се е непознато ако стане претседател. И со Реган, светот и Америка се шегува, но излезе еден од најсилните претседатели на САД. Го докрајчи европскиот комунизам, па и состојбата на Средниот исток и исламскиот свет (Авганистан) ја гледаше низ призма на борба против комунизмот. Го поддржуваше Израел, не се залагаше за правата на Палестинците, но кога Израел влезе во Бејрут во 1982 година, нареди на премиерот Бегин да престане да го бомбардира Либан”.

Мемија од друга страна, стои на ставот дека Трамп, ако победи на изборите, нема да води самостојна надворешна политика, а ако победи Хилари политиката кон исламскиот свет, барем во главни црти, ќе остане непроменета.

„За господинот Доналд Трамп, подвижна нуклеарна закана, не треба многу да сме загрижени, бидејќи и ако тој стане претседател, ќе биде само марионета во власта на тие кои (од сенка) донесуваат клучни политички одлуки. Но, за политичката култура на Америка, како земја која е на чело на целиот светски прогрес, многу е засрамувачки едно во основа непристојно лице, кое нема ни елементарно знаење за исклучително сложената архитектура на меѓународните односи, воопшто да дојде во позиција да се трка макар формално за најмоќната политичка функција во светот. А што се однесува до госпоѓа Клинтон, сметам дека нејзиното лидерство и од овој аспект, ќе биде одбележано со политика на континуитет” - заклучува Мемија.

Јасно е дека политиката на Барак Обама ќе се анализира и ќе се толкува во времето кое претстои, а како ќе биде оценета неговата политика кон исламскиот свет допрва треба да се види. Но, од перспектива на последните денови од неговиот мандат, гласовите кои неговата политика ја оценуваат како противречна и неконзистентна се се погласни. Очекувањата од Обама беа големи и многумина останаа разочарани кога сфатија дека суштински промени во односите меѓу САД и исламскиот свет нема да има. Претседателите се менуваат, но политиката на Америка секогаш останува иста, тоа е стара вистина која не ја гледаат само тие чии идеали не се извалкани од прагматичната политика.