Македонија
11. July 2016 - 16:40

Нуланд од Скопје заминува охрабрена: Очекува договор во следните денови

Сега е моментот да се заврши работата и Македонија што поскоро да организира фер и демократски избори, порача Викторија Нуланд. Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања по средбите со лидерската четврока рече дека има напредок во спроведувањето на Договорот од Пржино кој е клучен за излезе од политичката криза. Нуланд потенцираше дека од Скопје заминува охрабрена и со надеж дека во следните денови ќе се постигне решение на преговарачката маса. Таа повтори дека САД ја поддржува работата на Специјалното јавно обвинителство кое има значајна улога во обезбедување на вистинско владеење на правото во земјава.

По средбата со Нуланд од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение велат дека за излез од политичката криза неопходен е ангажман и придонес на сите политички чинители во постигнување на на решенија кои ќе внесат доверба во процесите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски посочи дека изборите се единствен излез од наметната политичка криза од страна на опозицијата, дека ВМРО-ДПМНЕ ги посакува и е подготвена за нив, но и го посочи фактот дека за да тие се случат потребно е обврзување од страна на опозицијата дека сите услови за избори се исполнети, нема пречки за нивно одржување и дека ќе учествуваат на истите, со цел да не се создаваат нови изговори за нивно ново одложување, велат од владејачката партија.

За СДСМ пак ова е клучен период за постигнување договор за неопходните услови за фер и регуларни избори.

Заеднички е констатирано дека мора да се обезбеди прочистен, доверлив Избирачки список и објективно известување на медиумите и дека со исполнување на овие услови, исто така заеднички е констатирана можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во текот на месец ноември. Исто така, потенцирана е неопходноста за формирање Влада што ќе организира и спроведе регуларни избори на коишто ќе одлучи слободната волја на граѓаните, се вели во соопштението на СДСМ.

На средбата со Нуланд, лидерот на ДУИ Али Ахмети ги изнесол партиските предлози за чистење на избирачкиот список и медиумите како и потребата да се договорат условите за избори, а потоа да се одреди датумот.

Како песимист по средбите со Нуланд излезе единствено лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Тој порача дека и покрај тоа што нема многу надеж, очекува пораките од меѓународната заедница да бидат поостри во однос на решение за политичката ситуација.

Во период од една година ова е трета посета на Викторија Нуланд на Макеодинија во улога на помошник државен секретар задолжен за евроспки и евроазиски прашања во Стејд Департментот. Засега останува неизвесно дали по денешните средби, во следните денови ќе се одржи и лидерска средба или спорните точки од пржинскиот договор ќе се решаваат преку состаноци на работните групи на политичките партии.