Македонија
18. September 2015 - 16:30

Средба на Ахмети со еврокомесарот Хан

Во седиштето на Европската унија во Скопје денеска претседателот на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) Али Ахмети, оствари работна средба со комесарот за соседство и проширување на Европската унија, Јоханес Хан.
 
Како што соопшти ДУИ, Ахмети и Хан разговарале за спроведувањето на договорот од 2-ри јуни и на протоколот од 15-ти јули, предизвиците со кои се соочува овој процес и за перспективите на Брисел за Македонија.
 
Еврокомесарот Хан, се посочува во соопштението, високо ја оценил улогата на Ахмети и на ДУИ во преговорите на работните групи за спроведување на договорот и истакнал дека „работата штотуку започнала“.
 
Претседателот на ДУИ нагласил дека договорот треба целосно да се спроведе, а политичките лидери да останат доследни на дадениот збор во Пржино.
 
Ахмети на средбата со Хан ги претставил партиските ставови во врска со изборните реформи и истакнал дека ДУИ се ангажира за добро спроведување на изборниот процес за да им се овозможи на граѓаните на мирен и демократски начин да го изберат најдобриот.
 
- Пред подготвителниот процес на изборите не треба да биде на штета на никого, уште помалку на албанците како втора најголема заедница во земјата. Ние го поддржуваме создавањето на административните предуслови за еднаков терен за сите партии кои ќе се натпреваруваат на избори, рекол Ахмети, стои во соопштението. 
 
Тој меѓу другото ја нагласил и потребата да се дискутира и за спроведувањето на Охридскиот договор, меѓуетничките и соседски односи, реформите и Евро-атланската интеграција.  

Ново на Сител