Свет
17. July 2016 - 13:54

Напаѓачите од Ереван бараат ослободување на Сефилијан и оставка на Саркисјан

Вооружените лица, кои зедоа денеска заложници во зграда на полицијата во Ереван и убија еден полицаец, бараат ослободување на ерменскиот опозиционер Жираир Сефилијан, кој беше уапсен во јуни и обвинет за незаконско поседување оружје. 

- Бараме да биде ослободен Жираир Сефилијан, само нему ќе му се потчиниме. Освен тоа претседателот Серж Саркисјан треба да поднесе оставка, напиша на Фејсбук еден од напаѓачите, Варужин Авестисјан. 

Тој истакна дека еден член од неговата група е тешко ранет во престрелката со полицијата.

Приврзаниците на опозиционерот Сефилијан, кој е уапсен на 20 јуни објавија дека планираат да ја променат ситуацијата во Ерменија преку вооружено востание, се наведува во соопштението на опозициската група. 

- Веќе ја зазедовме една од главните полициски бази во Ереван и го контролираме квратот Еребуни во јужниот дел на престолнината, тврдат опозиционерите. 

Во меѓувреме опозицискиот пратеник од Парламентот, Никол Пашинјан, кој ја посетил зградата на полицијата и внатрешните воени сили во Ереван, изјави дека околу 30 вооружени напаѓачи држат како заложници седуммина полициски службеници, јави ТАСС.

Според него напаѓачите ослободиле еден од заложниците, откако тој добил хипертензија. Меѓу заложниците се заменик-началникот на полицијата на Ерменија, генерал-мајор Вартан Егиазарјан и заменик-началникот на полицијата на Ереван полковник Валериј Осипјан.

Според Службата за државна безбедност еден полицаец загинал, а двајца се ранети, во нападот изутрината од група вооружени лица врз зградата, а ерменските специјалци ослободиле двајца заложници.

Околу 30 приврзаници на радикалната опозиција со камион Краз го урнале изутрината влезот и влегле на територијата на комплексот на внатрешните воени сили, изјавија претставници на полицијата и додадоа дека при последните престрелки има ранети и од двете страни, но нема убиени.

На местото се испратени поголем број полициски сили и војници. Целосно е блокирано движењето на автомобили и пешаци, а има и прекини во итернет врските. 

- Група ерменски опозиционери го зазедоа седиштето на полициската патрола и инспекција во Ереван, соопшти претходно денеска ерменската Служба за државна безбедност, отфрлајќи ги како лажни тврдењата дека станува збор за „востание“.

- Денеска група вооружени лица упаднаа на територијата на ерменската полициска партола и инспекција и под закана со насилство, таму како заложници држат заробени луѓе, се наведува во соопштението.

- Истовремено опозициските приврзаници шират лажни информации преку медиумите дека и социјални мрежи дека почнало вооружено востание и обид за заземање на институциите, се додава во соопштението. 

Лидерот на малата опозициска група, Сефилијан беше уапсен во јуни заедно со уште шестмина негови приврзаници, Властите ги обвинуваат дека планирале да заземаат државни згради и комуникациски објекти во Ереван. 

Сефилијан, кој е жесток критичар на Владата веќе беше уапсен во 2006 година и ставен во затвор на една и пол година, откако повика за „соборување на Владата преку насилство“. Минатата година беше уапсен повторно заедно со негови истомисленици поради сомневања дека подготвувал државен удар, но наскоро беше пуштен на слобода. 

Сефилијан е роден во 1967 година во ерменско семејство во Бејрут, а за време на граѓанска војна во Либан учествува во самообдраната на ерменската заедница. Во 1990 година пристигнува во Ерменија како воен инструктор за обука на доброволци, а во 1991 година прв пат пристигнува во Нагорно Карабах и зема директно учество во борбените дејствија. По една година предводи голем одред, кој дејствува до крајот на војната на клучните точки на фронтот.

По завршувањето на активните борбени дејности заминува на две години во Либан, а потоа се враќа во командна служба во вооружените сили на непризнатата Република Нагорно Карабах. Од 2000 година се занимава со политичка активност во Ерменија и е во цврста опозиција против власта.

Активно се огласува против измените на ерменскиот Устав. Пред референдумот минатиот декември, со кој беа поддржани измените на Уставот, со кои се предвидува Ерменија да премине кон парламентарна форма на владеење, Сефилијан заедно со лидерот на партијата „Наследство“ Рафи Ованисјан го прогласува формирањето на заедничкиот опозициски штаб- општествен фронт за спас „Нова Ерменија“.