Македонија
17. јуни 2016 - 15:36

ВМРО-ДПМНЕ: Талевски е жртва на политичкиот прогон на Зоран Заев и Катица Јанева

Одлуката за притвор на градоначалникот на Битола Владимир Талески е резултат на притисокот на СДСМ врз судиите, бидејќи тука не станува збор за правда базирана на какви било докази, туку за класичен политички линч, изјави денеска Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Зоран Заев, кој е аболициран за криминал тежок 8 милиони евра, нарачува политички прогон на градоначалници и функциoнери на ВМРО-ДПМНЕ, а Катица Јанева постојано ги следи неговите наредби и мора да биде негов послушник за да ја оправда платата од 3.000 евра. 

- Катица Јанева и судиите кои подлегнаа на притисокот од страна на СДСМ се должни да и објаснат на јавноста како е можно да се бара и да се изрече мерка куќен притвор за градоначалникот Владимир Талевски, а да нема таква мерка за градоначалникот на Струмица кој целата јавност го виде како бара поткуп од едно евро за него и едно евро за Вицето. Како е можно Владимир Талевски, кој редовно се јавуваше на сите судски покани, да биде во куќен притвор, а Зоран Заев, кој јавно изјавуваше дека за него не постојат македонските судови и дека нема намера да се одзива на поканите, да биде на слобода? Како е можно Владимир Талевски, кој никогаш не сторил никакво кривично дело, да биде во притвор, а Зоран Заев, кој неколку пати го повторува криминалот и веќе еднаш е аболициран, да биде недопирлив за Катица Јанева и уценетите судии, праша Коневски.

Според него, Катица Јанева треба да се соочи со срамот и судот на јавноста и да ја каже вистината дека, вели, нема никаква вина кај Талевски, ниту некаква материјална штета за државата.

- Запазена е целосно законската тендерска процедура и избрана е најдобрата понуда. Дали Катица Јанева знае колкава е просечната цена по ученик во Куманово? Ако не знае, ние ќе и помогнеме. Медиумите веќе објавуваа дека просечната цена за превоз по ученик во Куманово е за 2,5 пати повисока отколку цената која што ја плаќа општина Битола. Ова е факт. Од овој факт бега и Зоран Заев и Катица Јанева, рече Коневски.

Според него, селективниот пристап на Катица Јанева е уште еден доказ дека тоа што го прави нема никаква допирна точка со правдата.

- Владимир Талевски е жртва на политичкиот прогон на Зоран Заев и Катица Јанева. Тој е симбол на нивните неуспешни и деструктивни политики преку кои се обидуваат подмолно да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на претстојните локални и парламентарни избори. Зоран Заев и Катица Јанева нема да успеат во тоа. Двајцата ќе бидат поразени и ќе се срамат за ваквото нивно делување, рече Ивица Коневски.