Македонија
3. January 2019 - 17:03

Заев тврди дека нема тајни договори туку стратешки цели, вкупно 25 амнестирани за 27 април

Ниту амнестијата, ниту измените на кривичниот законик нема да влијаат врз предметите на јавното или специјалното обвинителство. Премиерот Заев вели дека е убеден во квалитетот на донесеното законско решение со кое тврди дека политиката не се меша во судството. Во име на евроинтегациите Заев смета дека на Македонија и беше неопходно вакво помирување и со соседите, но и дома.

Во меѓувреме бројот на амнестирани лица за собраниските настани се искачи на 25. Кривичен денеска одобри нови 5 барања за амнестија за лица обвинети за учеството во толпа и со тоа го заврши својот дел од работата. Во следните денови второстепениот суд ќе треба да одговори на обжалените решенија на дел од обвинетите лица. За нив судењето ќе продложи на 15 јануари со завршни зборови, но тука не застанува работата на обвинителството  за расчистување на 27 април.

Јавниот обвинител Јовески во интервју за МИА најавува проширување на истрагата која покрај извршителите, треба да ги открие и организаторите на крвавите инциденти.

За истиот овој настан, Кривичен денеска му определи нови 30 дена притвор на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, осомничен за здружување заради непријателска дејност, откако обвинетите во судскиот процес дирекно го посочија како еден од организаторите на упадот во законодавниот дом.