Македонија
28. September 2016 - 16:15

Нема да трпам лични навреди: Јанева ја напушти седницата на СЈО, поради нејзино отсуство одложена комисиската расправа во Собранието

Катица Јанева ја напушти и седницата на Советот на Јавни обвинители. Рече дека прашањата кои во текот на седницата и ги постави членот Зоран Сулејманов ги смета како лични навреди и мобинг.

За време на седницата Сулејманов не доби одговор на ниту едно прашање, зошто Специјаното обвинителство нема доставено општ и финансиски план за работење, ниту го објавува записникот за добиените материјали, колку советници има СЈО, зошто нема ниту една прес-конференција за преметот Пуч и колкава доказна вредност имаат материјалите кои ги предаде Заев.

Јанева ги избегна овие одговори со став дека прашањата на Сулејманов не се во интерес на извештајот за работењето на нејзиното обвинителство.

-Јас сум задоволна од начинот на кој комунициравме со Советот. Апсолутно сум изненадена од нивната заинтересираност за работата на СЈО и се надевам дека ќе ја продлабочиме самата соработка. Решија дека ќе дојдат да ги проследат просториите на СЈО каде што согласно нивните овласутвања ќе им бидат покажани и самите материјали кои ги имаме. Сметам дека личните навреди и вадењето од контекст од извештајот прашања, немам потреба да ги одговарам и затоа ја напуштив седницата. Но, сметам дека и самите членови на Советот кои заминаа од седницата не го оправдуваа начинот на кој постапуваше Зоран Сулејманов - рече Јанева по напуштањето на седницата.

Ниту пред членовите на Советот, Јанева не го образложи финансискиот дел од извештајот. Повикувајќи се на својата автономност накусо само рече дека таа одлучува кој и за колкава плата ќе работи во Специјалното обвинителство, а Советот нема право да ја прашува за трошоците. За аудиоматеријалите кои деновите протекоа во јавноста, Јанева рече дека поради многу работни обврски се уште не знае дали тие се дел од прислушуваните разговори кои ги поседува. Пред Советот Специјалната обвинителка се пожали дека останатите институции не соработуваат и побара поддршка за нејзиното барање да и се продолжи мандатот.

Утрово повторно беше одложена и седницата на собраниската комисија за политички систем. Според претседателот на комисијата Влатко Ѓорчев, додека Јанева не присуствува на седницата не се исполнети деловничките услови за расправа.