Балкан
11. February 2016 - 8:36

НАТО пред договор за антиимигрантска мисија во Егејското Море

Германија и Турција постигнаа значителен напредок во напорите за убедување на земјите-членки на НАТО за вклучување на Алијансата во справувањето со илегалниот транспорт на имигранти преку Егејското Море, објави германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“.

Весникот, повикувајќи се на извори во германската Влада, наведува дека Грција „би можела да биде убедена“ да го поддржи предлогот за вклучување на сили на НАТО во справувањето со бегалската криза.

Атина досега изразуваше резерви кон плановите за вклучување на Алијансата во пресретнувањето на бродовите со имигранти и бегалци, кои од Турција се упатуваат кон грчките острови во Егејското Море.

Според „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, на денешниот втор ден од средбата на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО во Брисел, една од темите ќе бидат и деталите од планот за отпочнување мисија на силите на Алијансата против илегалната имиграција во Егејското Море.