Балкан
7. July 2015 - 9:19

Народот проговори, настапи часот на Ципрас

Грчкиот народ со големо мнозинство му даде можност на премиерот Алексис Ципрас да започне преговори за нов договор со кредиторите, кој ќе биде заснован ветувањата што тој ги даде. Грчките граѓани ги игнорираа оние кои ги предупредуваа за ризиците кои ги создава денешната ситуација и сметаат дека е нереална опасноста за излегување на земјата од еврозоната.

Но, очигледно е дека меѓу голем дел од општеството во Грција опаднала довербата кон Европа и нејзините институции. Драматичните последици врз животниот стандард на Грците во последниве години силно влијаеше врз нивниот избор и психолошките состојби.

Исто е толку јасно и дека Грците ги запушија ушите за сигналите за тревога кои ги изрекуваа опозициските партии и продолжуваат нив да ги сметаат за одговорни за сегашната ситуација во државата. Од таа гледна точка прераспоредувањето и адаптирањето на опозицијата кон новите реалности е неизбежно. Тоа се потврдува и со оставката на лидерот на Нова демократија, Андонис Самарас, што несомнено ќе остави свој печат и врз главната опозициска партија.

Но, резултатот од референдумот постави и една тешка одговорност пред премиерот. Пред гласањето, тој јасно објави дека негова цел е останување на Грција во еврозоната и постигнување на договор во рок од 48 часа. Мандатот кој тој го доби од гласањето во неделата му дава целосна можност за иницијативност во дејствувањето.

Од тука, конечно Ципрас ја сноси целосно својата одговорност и треба да ги реализира дадените ветувања. Имено: да постигне договор за кратко време, кој ќе биде подобар од оние што досега ги предлагаа европските партнери. Ципрас испрати порака дека резултатот од референдумот „не е мандат за почнување спор со Европа, туку за засилување на позициите во преговорите на земјата во еврозоната“. Тоа веројатно е и клучот за да може вратата на Монетарната унија да остане отворена за Грција.

Овие изјави на Ципрас и свикувањето на Советот на политичките лидери на ЕУ, се можеби двата најкритични чекори за да се избегне најнеблагодарното сценарио за излез на Грција од еврозоната, но и за да биде постигнат неопходниот национален консензус за договор со кредиторите.

Пораките кои стигнуваат до Атина се дека во Европа по „НЕ-то“ на референдумот има гласови кои тврдат дека на грчката Влада треба да и биде предложен еден „пријателски развод“, наместо да се продолжи дебатата за тешките мерки.

Очигледно е дека и за Европејците решенијата се тешки и за нив се бараат ангажмани од страна на повеќето политички сили во Грција, за да биде договорен нов пакет финаисиска помош за спас, од кои земјата во моментов има потреба и во кој акцентот треба да биде ставен врз кратењето на грчкиот долг. Европејците со право сакаат да добијат ветување од грчката страна дека ќе кажат „да“ на реформите кои се болни, но и крајно неопходни.

Ситуацијат е исклучително вознемирувачка затоа што можностите на земјата се движат во ограничени граници. Банките се затворени, економијата се наоѓа во процес на целосно задушување, претпријатијата се полуживи, туризмот - тешката индустрија на Грција - трпи удари од несигурноста, а во истото време очигледно е дека привремените можности се минимални, па врз основа на тоа ризикот од инциденти е висок.

Слободата на дејствувањата која гласањето на референдумот му ја даде на Ципрас, е со конкретен рок. Грците се надеваат дека тој нема да ги разочара и дека нема да се втурне повторно во бескрајни преговори и конфронтации со кредиторите. Ципрас носи историска одговорност за да ја задржи земјата во Европа и во еврозоната и да докаже дека во краен случај ќе може без караници и конфорнтации со Европејците да ги одржи дадените ветувања.

Вима - Атина