Свет
11. November 2016 - 9:04

Најмалку четворица загинати, а 119 повредени при напад врз Германскиот конзулат во Авганистан

Четири лица загинаа, а 119 се повредени во синоќешниот самоубиствен напад со автомобил-бомба извршен врз Германскиот конзулат во Мазар и Шариф, главниот град на авганистанската провинција Балх, соопшти полицијата.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека 25 лица од персоналот на Конзулатот се безбедни и оти никој не настрадал во нападот. Тој додаде дека Конзулатот претрепел „сериозни штети“.

- Авганистанските безбедносни сили и германското обезбедување, како и припадници на НАТО го одбија нападот на тешко вооружените напаѓачи, истакна портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.

Според ДПА бомбаш-самоубиец со автомобил полн со експлозив удрил во оградата на Конзулатот. И портпаролот на НАТО изјави дека во нападот бил употребен еден автомобил-бомба, додека според очевидците имало два автомобила. Според локалната полиција по експлозијата неутврден број талибанци навлегле во дворот  на Германскиот конзулат.

Одговорност за нападот ја презедоа талибанците, наведувајќи дека тоа е одмазда за 30 убиени цивили во американскитте воздушни напади во Кундуз пред неколку дена.