Македонија
17. November 2015 - 16:30

МВР не може да утврди дали двајца од терористите поминале низ Македонија

Три дена откако полициите во Србија и Грција потврдија дека осомничениот извршител на самоубиствениот напад во Париз поминал низ териториите на нивните земји регистрирајки се како бегалец од Сирија македонското МВР останува без одговор. И по три дена не може да утврдат дали 25 годишниот Ахмед Алмухамед се пријавил во транзитниот центар во Гевгелија или на Табановце.

По двете упатени барања, денеска од МВР доставија писмен одговор, согласно новите воспоставени правила. Бројот на беглаци бил голем, а службите рачно проверувале кој бил регистриран во земјава.

-Министерството за внатрешни работи врши проверки дали лицето за кое се интересирате остварило влез во Република Македонија. Имено се вршат рачни проверки во евиденцијата, од причина што многу од лицата се јавуваат со исти или слични генералии, стои во одговорот испратен на прашањата на Сител.

Ваквиот одговор фрла сериозна дамка врз начинот на работа. Соседите веќе го отворија прашањето за тоа како Македонија ја врши евиденцијата на беглаците, откако остана последната земја дел од рутата која не може да одговори дали осомничениот транзитирал низ земјата.  

Ахмед Алмухамед или идентитетот запишан во сирискиот пасош пронајден до телото на еден од терористите кои ја активираше бомбата поставена на своето тело ноќта во петокото во близина на Стад де Франс на трети октомври бил регистриран на грчкиот остров Лерос, а на седми минатиот месец се пријавил во Прешево од каде заминал за Хрватска.

Грчките медиуми вчера пишуваа дека нивните безбедносни служби како логистичар го сомничат и Мохамед Алмухмед кој заедно со Алмухамед патувале од Грција.

И додека македонската полиција рачно ги проверува списоците, колегите од регионот и Европа бараат начин како да се подобри контролата, откако случајот внесе дополнителна загриженост по потврдата дека помеѓу бегалците од Сирија патуваат и припадницитре на Исламска држава.