Македонија
2. February 2018 - 12:45

Муижниекс: Македонските власти да спроведат политики што поттикнуваат интеграција

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Муижниекс, денеска на прес-конференција истакна дека македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција и разбирање меѓу етничките заедници и да промовираат социјална кохезија, истовремено штитејќи ја разновидноста.

Муижниекс, кој е во петдневна посета на Македонија, кажа дека Охридскиот рамковен договор ставил крај на конфликтот во 2001 година и довел до промени во одредени области, како правичната застапеност на заедниците, децентрализацијата и употребата на јазиците, но оти сепак социјална кохезија не е постигната.

- Македонското општество останува длабоко поделено по етнички и јазични основи и крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција за надминување на овие поделби, смета комесарот за човекови права.

Севкупната атмосфера во однос на човековите права во Македонија, според Муижниекс, е позитивна, а Владата испраќа многу пораки за инклузивност.

- Сега е време да се отвори дебата за тоа каде ја гледате вашата земја на долг рок и во однос на интеграцијата и инклузивност, рече Комесарот за човекови права.

Децата во Македонија, според него, доцна почнуваат да ги учат јазиците на другите заедници. На пример, посочи тој, албанските деца македонскиот јазик започнуваат да го учат дури во четврто одделение, додека доколку некое од децата Македонци сака да го изучува албанскиот јазик тоа ќе може да го направи од шесто одделение.

- Дури и кога децата сакаат да си ги научат јазиците едни на други не постои простор за тоа. Прашањето што често го поставував беше тогаш на кој јазик тогаш овие деца ќе комунициираат меѓусебе во иднина. Нервозниот одговор што често го добивам беше англиски, но не верувам дека тоа ќе е така, рече високиот претставник на СЕ.  

Комесарот смета дека треба да продолжат проектите за децата да мешаат меѓу себе, но апелираше да се разработат посистемски и долгорочни политики за да ја одбегнат сепарацијата меѓу децата од различни етнички заедници во образованиот систем.  

- Сите деца да научат македонски јазик, а истото да важи и за другите немнозински јазици во областите каде ваквите групи живеат во значителен број, истакна Муижниекс.

Комесарот за човековите права на СЕ одговарајќи на прашање во врска со Законот за употреба на јазиците со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик, кажа дека слушнал многу различни оценки за овој текст и дека во моментов тој претставува клучна поделба меѓу Македонците и Албанците.

Во очекување сум на мислењето на Венецијанската комисија, вели тој, но таа дава оценка на уставноста на законот откако тој е веќе усвоен, а не претходно што е вообичаената пракса, а нема да ја оценува социјалната кохезија и инклузивноста и дали ги подобрува меѓуетничките односи.

- Немам проблем со мерките насочени кон можностите луѓето да го зачуваат и да го заштитат својот идентитет. И се чини дека на тоа е големиот фокус тука овие години. Но она што би сакал да го видам е еднакво внимание на интгерацијата, на заедничките вредности, на заедничката визија што ќе ја води оваа земја во иднината. Има значителен број луѓе што сметаат дека овој нов закон за јазиците не го прави тоа, рече Муижниекс.       

Комесарот за човекови права на Советот на Европа рече дека не ги посетил притворените поврзани со настаните и насилствата од 27 април во Парламентот. Кажа дека други лица од Советот на Европа ги посетиле и оти условите во притворот се лоши. Ова прашање било покренато во Парламентот каде било посочено на заклучоците на Народниот правобранител во однос на симнувањето на имунитетот, што тој препорачува да се следат. Тој посочи дека е запознаен со реформите, но истакна дека мерката притвор не треба да се користи како казна, особено кога условите се, како што кажа, се толку лоши.

Во однос на прашањето за името, рече дека било посочено на средбите во Парламентот, но тоа е надвор од неговиот мандат, бидејќи е политичко прашање.

- Но чуствувам достав фрустрација што ова прашање одвлекува многу внимание и ја попречува Македонија да ги оствари своите цели. И се надевам дека ќе се разреши во блиска иднина за да може да се премине и на други нешта, рече Комесарот за човекови права на СЕ. 

Како еден од позитивните примери, Муижниекс посочи на заложбите за против дискриминација и за зајакнување на Комисијата.