Свет
6. April 2016 - 14:10

„Мосак Фонсека“ под истрага во Италија од 2015 година

Компании, поврзани со адвокатската фирма „Мосак Фонсека“, која е во центарот на скандалот „Панамски документи“, биле под истрага за перење на пари во Италија од 2015 година, соопшти денеска италијанската даночна полиција.

Во соопштението на Гвардија ди финанца се наведува дека му бил даден мандат од Обвинителството во градот Торино да дојде до копија на податоци, откриени од неколку светски медиуми во неделата, со цел да може да биде проширен обемот на тековните истраги.

Финансиската полиција додава дека истрагата опфаќа повеќе панамски компании, кои би можеле да се поврзани со адвокатската фирма „Мосак Фонсека“.

Во понеделникот италијанскиот заменик министр за економија Енрико Џанети истакна за весникот „Кориере дела сера“ дека даночните власти, исто така, ќе ги истражат и т.н. „Панамски документи“ за наводни даночни измами.

Тоа се случи откако италијанското списание „Еспресо“ објави дека во базата на податоци за офшор сметки фигурираат имиња на околу 1.000 Италијанци . Меѓу нив се наоѓа и претседателот на Управниот одбор на „Алиталија“, Лука Кордеро ди Монтеџемоло.

Според весникот, документите покажуваат дека при склучување на низа договори во 2007 година, Монтеџемоло управувал со компанијата „Ленвил“, со седиште во Панама. Во тоа време тој бил и претседател на Управниот одбор на „Фиат“ и генерален директор на „Ферари“.

„Еспресо“ тврди дека се вмешани и банките „УниКредит“ и „Уби Банка“.