Македонија
17. March 2017 - 23:44

Мисиркова со повик до граѓаните: Приклучете ни се во уште поголем број за да ја одбраниме нашата татковина и нашиот суверенитет

Внуката на Крсте Петков Мисирков, Ката Мисиркова ги повика сите граѓани кои се дојдени на протестите, да останат додека е потребно и заедно да ја заштитат Македонија.
 
-После овој емоционален Танец, кој што ја симболизира нашата достоинственост, по која што сме надалеку познати и сите ќе не дознаат допрва. Имам една порака денеска, секој оној кој што се чувствува пријатно овде со нас, ја дели нашата љубов, нашата света патриотска љубов кон нашата татковина, очекуваме да остане овде со нас. Секој оној кој што не се чувствува пријатно и кој што како антидржавен елемент, изјавува дека не му се допаѓа земјата, химната, нашиот јазик, нека го положи македонското државјанство назад, нека ја положи својата општествена функција назад, затоа што ја извршува во македонски град, вели Мисиркова.
 
Таа му даде поддршка и на претседателот Иванов да не потпаѓа под притисоци кои ќе ги има од платеници од други држави и асоцијации.
 
-Очекувам, повикувам да ни се приклучите во уште поголем број, за да ја одбраниме нашата татковина и нашиот суверенитет, и да им порачаме на сите оние кои сакаат да извршат притисок врз нашиот претседател, Ѓорге Иванов. Поддршка до претседателот да не попушти, за да не ни се мешаат во внатрешните работи некои платеници од други држави и други асоцијации. Тоа се однесува на скорешната посета повторна на Јоханес Хан, кој што повторно со една специјална агенда зад интересите на македонскиот народ, зад интересите на нашата суверена држава, сака да изврши повторно притисок. Нема да го дозволиме тоа, сите ние кои што сме денеска овде, чие срце чука во ист ритам, додаде таа.