Македонија
25. February 2018 - 16:16

Министерството за култура најави ревизија и за Музејот на револуционерната борба

Министерот за култура ги негира наводите дека отстанувањето на споменикот на Ќосето е дел од договорото со Бугарија. Алаѓозовски вели дека работната група за ревизија на проектот Скопје 2014-та ги анализира спорните споменици и институции дел по дел, а евентуалното отстранување ќе биде во соглансност со законските процедури.

„Тие од една страна анализираат и конкретни споменици, од друга страна анализираат и институции. Во таа смисла и Музејот на ВМРО ќе биде дел од нивната сеопсежна анализа и тоа многу брзо,а секако дека ќе се осврнат и на 1000 мали сувенири и статуетки од Скопје 2014-та“, вели министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

По бурните реакции на уметниците за годишната програма на Министерството за култура, Алаѓозовски вели дека најголемиот дел од спорните ситуации се разрешени. По прозивките во јавноста самите учесници ги повлекле проектите од морална одговорност. Министерот смета дека годишната програма е добра и без неправилности.

„Храбра беше одлуката да се објават одлуките од еден конкурс со 5000 учесници и 2500 прифатени проекти. Спорните проекти не надминуваат ни 1% во однос на финансиските средства, бидејќи се работи за неполни дваесетина проекти. Сметаме дека тоа е добар резултат и мала маргина на грешка за вака голем поцес“ вели Алаѓозовски

Владата, Министерстовото и Градот Скопје денеска ја промовираа и акцијата за целосна заштита и конзервација на скопскиот аквадукт. Алаѓозовски најави конзервација на најзагрозените делови на објектот и поддршка на програмски и културни содржини за заживување на овој дел од градот. За таа цел Министерството има обезбедено 1.100.000 денари.