Македонија
16. December 2015 - 15:12

Министерот Попоски утре во посета на Атина

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски утре ќе престојува во прва билатерална посета на Атина, јави дописникот на МИА од Грција.

Попоски во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас со кого се очекува да разговараат за повеќе теми, меѓу кои и за кризата со бегалците и мигрантите, мерките за градење доверба, прашањето за името, како и за други билатерални прашања.

Во последното интервју за грчкиот весник „Катимерини“, македонскиот министер изјави дека неговата посета на Атина не е дипломатска рутина, штом такво нешто не се случило повеќе од деценија.

- Не сме имале посети во официјално билатерално својство, како што доликува на соседи. Воедно, барем од македонска страна немаме амбиции да изненадуваме, посебно не непријатно, туку искрено да покажеме волја и пријателство кон Грција. Ќе се потрудиме максимално тоа да го почувствуваат и домаќините. Меѓу нас, не мислам дека треба да има зла крв. Напротив, во изминатите 20 години се покажа дека двата народи се многу слични. Имено, што се однесува до начинот на размислување и однесување би можело да се каже дека сме први братучеди. Можеби затоа ни оди добро во туризмот, економијата и многу други области и покрај кризата, изјави Попоски за грчкиот весник.

Коментирајќи го интервјуто, „Катимерини“ напиша дека „од она што го изнесува господинот Попоски, не се гледа дека ќе има нешто спектакуларно во разговорите со грчката страна“. Но, дипломатски извор во Атина ја оценил оваа посета за значајна, истакнувајќи дека ќе придонесе за натамошно унапредување на климата во релациите меѓу двете земји.

- Нужно е да се зајакне заедничката доверба, за да продолжиме, рекол изворот.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски последен пат во грчкиот главен град престојуваше во април минатата година, кога учествуваше на неформалниот министерски состанок на ЕУ, Гимних, за време на грчкото претседателство со Унијата. Коѕиас ја посети Македонија во јуни годинава, во рамки на турнејата во неколку главни градови на Западен Балкан.