Македонија
6. February 2021 - 14:20

Мицкоски: Со обезбедување на терминалите за отчитување на отисоци ќе бидат откриени измамите од Пописот

Ја разгледав методологијата, практично методологијата за Пописот прави една двојна операција. Најрпвин велат дека постојат бази на податоци коишто ги содржат параметрите коишто се потребни да дадат одговор на прашањето кое е резидентно население, а кое е населението кое изминативе година дена го одјавило своето живеалиште во Македонија, за потоа во вториот дел да велат „попишувачите на терен ќе ја констатираат таа состојба“, истакна денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој, при денешната посета на индустриската зона „Чојлија“, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали ја разгледал методологијата за Пописот, рече дека навистина не гледа потребата од такво дуплирање на активностите.

– Доколку одлучат и насилно без политички консензус, политички да ја тераат целата ситуација, нека ги заштедат тие пари, не се потребни попишувачи, оставете ги партиските војници на СДСМ и ДУИ, нема потреба да ги стимулирате со по 300-400 евра за да излезат на терен и да попишуваат нешто што веќе може да се направи ако се споредат базите на податоци коишто ги имаат институциите со точност од 95 проценти. Пет проценти се оние граѓани кои треба да се посетат теренски и да се посетат лично. Тоа се десетина илјади граѓани, што значи нема потреба од 30.000-35-000 попишувачи, туку доволно ќе бидат 300-400 попишувачи, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски потенцираше дека  кога ќе бидат обезбедени терминалите за отчитување на отисокот на прстот голем дел од дубиозите, лагите, измамите кои што ќе се направат на овој попис ќе бидат откриени затоа што ќе се констатира дека тие луѓе во суштина не се во државата, а тоа како што рече, ќе се случи неколку месеци веднаш после пописната операција, на локалните избори.