Македонија
17. November 2017 - 15:56

Меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинија Први“ во Скопје

Најновите истражувања за различни аспекти на византолошките и средновековните студии, што го вклучува третманот и интерпретацијата на културното, историското и духовното наследство во современа Европа, денеска и утре ќе бидат претставени на петтиот меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинија Први“ во Скопје.

Организатори се Универзитетот „Евро-Балкан“ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Институтот за национална историја од Скопје, со финансиска поддршка на Министерството за култура и Град Скопје.

Претседателот на меѓународниот организациски и научен комитет Митко Панов истакна дека целта на симпозиумот е да ги интегрира културите и различностите во обединета Европа. 

- Оваа година во фокусот е концептот на словенството, Византија и Словените, средновековните и модерни рецепции, кои треба да ги расветлат одредени истражувачки прашања и дилеми или да постават нови, рече Панов. 

Претседателот на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева информира дека досега, а и понатаму ќе ја поддржуваат оваа манифестација.

На меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинија Први“ ќе бидат презентирани 50-тина реферати, а учесниците се од Македонија и од 15 држави.