Свет
21. October 2017 - 21:41

Масовни протести во Барселона по најавата за одземање на каталонската автономија

Масовни протести се во тек во каталонскиот главен град Барселона по денешната најава на шпанскиот премиер Маријано Рахој дека шпанската Влада ја почнува процедурата за одземање на каталонската автономија.

Луѓе со каталонски знамиња излегоа на улиците, а градоначалничката на Барселона Ана Чолау рече дека потегот на Мадрид е сериозен удар за правата и слободите на сите граѓани.

Кон реакцијата се приклучи и Жосеп Марија Бартомеу, претседател на фудбалскиот клуб Барселона, кој рече дека клубот дава апсолутна поддршка на демократските институции на Каталонија. Дури и Каталонската социјалистичка партија, која се спротиставува на независноста на Каталонија, рече дека не може да прифати строга примена на членот 155 од шпанскиот Устав, кој дозволува властите во Мадрид да ги суспендираат автономните права на шпанските региони.

Шпанскиот премиер Рахој денеска побара да се одржат нови избори во Каталонија, на кои ќе се замени сегашното раководство на регионот, со премиерот Карлес Пуџдемон на чело, за кого Рахој вели дека не направил ниту еден чекор за помирување или компромис. Пуџдемон ги поведе регионалните политички лидери на однапред закажан протест против апсењето на неколку активисти за независна Каталонија од страна на шпанските власти, а подоцна вечерва Пуџдемон треба и да и се обрати на нацијата.

и додека Каталонците протестираат против одземањето на нивнат аавтономија, изјавата на премиерот Рахој во Мадрид беше пречекана со славеничко трубење од автомобилите на градските улици.