Македонија
18. July 2017 - 21:07

Македонска културна вечер во Бургас

Во организација на Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија и Регионалната библиотека „П.Јаворов“, вечерва во Бургас беше организирана вечер посветена на македонската култура и уметност.

Македонската културна вечер беше отворена со ликовната изложба „Поврзување" на која со свои дела работени во различни ликовни техники се претставија уметниците Маријана Иванова, Марјан Ѕин, Зоран Мише, Горан Тричковски, Иван Стоименов, Слободан Милошески, Перица Георгиев Пепси, Павел Целкоски, Ице Огненовски-Мерко и Иво Пецов.

Во литературниот дел од вечерта, стихови од познати македонски поети интерпретираше актерот и режисер Ѓорги Георгиев-Антика.

Директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, кој заедно со директорката на Регионалната библиотека „П.Јаворов" Марија Бенчева беа домаќини на ова прво поголемо претставување на македонска култура во Бургас, на библиотеката и подари книги, монографии и каталози од македонски писатели и ликовни уметници. На настанот присуствуваше и заменик градоначалникот на Општина Бургас, Јорданка Ананиева.

Овој проект е дел од годишната програма на КИЦ на РМ во Софија и е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Во 2017 година овој проект беше претставен во Софија, Пловдив и Созопол, а после Бургас претстои и претставување на македонската култура во Банско.