Македонија пошумена со нови 2,6 милиони садници
Над два милиона садници на 500 илјади хектари денеска беа посадени во 30 катастарски општини на територија на Република Македонија во рамките на 17. акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“. За пошумување се користеше црн и бел бор, багрем, јасен, јавор, чемпрес, аризонски чемпрес, смрча, дуглазија, даб, питом костен, дива круша, црн орев...
Премиерот Емил Димитриев, кој во рамки на акцијата посади дрвце во градинката „Ѕвездичка“ во Кочани, порача дека секоја година ќе се засадуваат по пет милиони дрвца преку традиционалната манифестација „Ден на дрвото“ и Програмата за проширена репродукција на шумите.
- Со ова ја промовираме нашата одговорност за заштитата на животната средина и сметаме дека на правилен начин обезбедуваме здрава околина за живеење, подвлече премиерот.
Според директорот на ЈП Македонски шуми Жарко Караџовски, кој во населбата Ново Лисиче заедно со градоначалниците на Скопје и Аеродром Коце Трајановски и Ивица Конески засадија дрвца, од 2008 година до сега по основ на акцијата „Ден на дрвото“ засадени се 36 милиони садници односно вкупно со редовните обврски на Македонски шуми посадени се 68 милиони садници или преку 35 илјади хектари.
Караџовски рече дека условите за садење има се додека температурите не паднат до -15 степени или не падне некој голем снег, и појасни дека пошумувањето почнува од 15 ноември па се додека има услови, односно откако ќе заврши процесот на вегетација на самото дрво или, како што рече, народски кажано откако ќе паднат сите лисја на дрвото.
Во однос на процентот на зафатеност на дрвјата Караџоски рече дека зависи од географската положба, или климатски услови, но дека највисок е во западниот дел на Македонија. Во однос на годината од спроведување на акцијата највисок процент на зафатеност на дрвцата бил во 2009 година кога била влажна година, а најнизок бил во сушната 2013 година кој изнесувал 38 проценти. Од почетокот на акцијата до сега процентот на зафатеност на дрвцата во Македоија изнесува 45,6 проценти.
За потребите на ЗЕЛС и пооделно за единиците на локалната самоуправа обезбедени беа 1.350.568 садници, од кои 1.000.568 за Скопје, урбаните делови на општините и на страничните делови на обиколницата на главниот град, 150.000 за Битола од кои 200 за урбаниот дел на градот, 100.000 за Тетово од кои 100 за урбаниот дел, како и 100.000 за Кичево од кои 100 за урбаниот дел на градот.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски рече дека во главниот град до пролет ќе бидат посадени вкупно 256.000 дрвја во урбаниот дел, од кои Градот во акцијата учествува со околу 10 до 12.000 илјади дрвја.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека дополнително, по 2.000 леандри (вкупно 4.000) се засадени покрај автопатот Демир Капија - Смоквица и во општина Дојран.
Акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011-та, се спроведуваше во две сезони – пролет и есен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само на есен.
Ново на Сител
-
Тошковски: Прашањето не е дали, туку кога Груби ќе се најде пред лицето на правдата во нашата држава
-
Димитровска: Нема судир на интереси во случајот со членот на ДКСК и директорот на АНБ
-
АМСМ: Забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Тетово – Попова Шапка
-
Скопјанка измамена за 45.000 денари - ја излажале дека ќерка ѝ предизвикала сообраќајка
-
Пронајдена уште една црна кутија на местото на авионската несреќа во Казахстан
-
Бегајќи од полицијата, предизвикал две сообраќајки - лишен од слобода млад скопјанец
-
Мицкоски: Преговараме со 15 нови странски инвестиции, едната е во вредност од 360 милиони евра и 500 нови работни места
-
Поведена постапка за злоупотреба при јавни набавки во „Државна лотарија“