Македонија и Србија треба да ја спасуваат Европа од бегалците а не се членки на Унијата
Германија и Франција тврдат дека ЕУ ќе падне заради бегалската криза. Под наслов „Европа ќе пуке во Македонија“, медиа.мк ја пренесува анализата на виенскиот весник Стандард, кој предупредува дека затварањето на границите на Словенија или Хрватска би било опасно и тоа ќе ги доведе Македонија,Србија и Грција во потполно неконтролирана ситуација. Весникот пишува дека најмало зло во моментов би било јакнењето на десничарските партии и дека опасноста е многу поголема, затоа што преоптоварувањето во мигрантската криза би можело да доведе до политички злоупотреби, насилства и зголемена несигурност. „Стандард“ наведува дека Македонија и Србија не се само посиромашни туку и понестабилни од Грција, чии безбедносни структури не се дораснати за големи кризи.
Во меѓувреме не запира напливот на мигранти во земјава. Сериозно загрижуваат податоците дека секојдневно во Македонија влегуваат и до 5000 мигранти. Од почетокот на мигрантската криза од јуни годинава до денес, македонското МВР има издадено приближно 200.000 потврди на странски државјани кои искажале намера да поднесат барање за признавање на право на азил. И додека се чека на брза реакција од Брисел, Македонија неколкупати досега порача дека може да овозможи привремен третман за само 2.000 бегалци – 1.500 во дневниот центар во Гевгелија и уште 500 на Табановце.
Токму во оваа насока, виенскиот весник Стандард оценува дека најважно во овој момент е сериозно да се сфати преоптовареноста на Балканот и стратешки паметно и одговорно да се реагира за да не се загрози стабилноста во средна и југоисточна Европа.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
