Македонија
29. April 2016 - 16:41

Македонците најбројни за велигден во Грција и во Бугарија голем број странци го одбраа Охрид

Граничарите на преминот Богородица со полни раце работа во пресрет на велигденските празници. За Велигден најмногу  македонци заминале во Грција. Над 10 000 македонски државјани од вчера до денеска напладне ја преминале јужната граница. Од нив утринава  само за неколку часа  отпатувале 5202 македонци во Грција. За најголемиот христијански празник голем број македонци ќе одмораат и во Бугарија. 2500 патници излегуваат на Деве Баир во просек во обичен ден, што не е случај и за овој споен велигденски викенд. Само денеска над 3500 македонски државјани заминале за Бугарија , а од граничниот премин очекуваат излез на уште околу 1500 патници до крајот на денот.  Најмалку од  македонците за Велигден одлучиле да отпатуваат во Србија или пак преку северниот сосед до некоја друга дестинација. Вчера на Табановце излегле 1443 македонски државјани, а статистиката на граничарите покажува дека интезитетот ќе биде од прилика ист и во текот на денешниот ден. Од друга страна пак и Македонија се покажа за посакувана туристичка земја за овој голем православен празник. Дека државата има што да понуди покажува бројот на туристи кој брои  околу 5000. За неполни два дена голем број на  странци од соседството допатувале во земјава. Од  вчера до денеска напладне во посета дошле  2980 грци и други странски државјани. Од Србија влегле 2441 патник, а од Бугарија во просек дневно влегуваат околу 3000 патници. Денеска овој број на бугарски државјани граничната полиција очекува да се зголеми за влез во Македонија.  Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива без забрани, но по наместа влажни коловози.ОД АМСМ информираат дека интезитетот на сообраќај е зголемен  а на граничните премини  има поголеми задржувања за влез и излез од државата. По повод празниците Републичкиот совет за безбедност апелира, сите учесници во сообраќајот да се однесуваат внимателно и одговорно. Да ја почитуваат ограничената брзина на движење  и да не возат под влијание на алкохол. Паричните казни се неизбежни или пак одземање на возачката дозвола во одредени случаи,  но доколку не ги почитуваат правилата,   може да предизвикаат  несакани последици и несреќи. Зголемената фреквенција на сообраќајот за време на празниците  од РСБПС потенцираат дека бара и поголемо внимание, концентрација и посветеност додека се вози и препорачуваат да не се користат мобилните телефони, да се става безбедносниот појас.