Македонија
15. July 2015 - 16:50

Лидерите ставија потпис на договорот Македонија продолжува напред

Со потпис на документ од страница и половина насловен како Протокол кон договорот од втори јуни, Груевски, Заев, Ахмети и Тачи ја завршија политичката криза. Во 12 часовните рпеговори се согласиле за решение со кое се предвидува предвремените парламентарни избори да се одржат на 24ти април идната година. Како системско решение кое ќе важи за сите идни избори се утврдува премиерот да се повлече 100 дена пред изборите а владата да ја предводи човек номиниран од владејачката партија.

СДСМ ќе предложи а ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе треба да одобрат кој ќе го предводи министерството за внатрешни работи до идните избори. Ќе се бара кадар кој нема да биде партиски обоен.

ВМРО ДПМНЕ ќе има заменик министер со право на надзор и вето на сите одлуки на овој министер. Министерот ќе има надлежности исклучиво во делот на изборите и нема да има овластувања за било какви кадровски промени. Опозицијата ќе номинира министер за труд и социјала и заменици во финансии, земјоделие и информатичко општество.

Премиерот Груевски изрази задоволство од договореното и порача дека интересите на државата и интересите на народот биле ставени пред личните и пред партиските интереси.

Информациите од дипломатски извори  велат дека лидерот на СДСМ правел максимални напори да не дојде до договор свесен дека ја нема поддршката од граѓаните и дека не му е во инетерс да се случат избори во април бидејќи повторно ќе загуби со поголема разлика.

Неговото негодување одело до таму што во повеќе наврати и откако биле договорени сите детали тој одбивал да стави потпис на договорот и постојано излегувал со нови барања со единствена цел договор да не биде потпишан. Некаде околу полноќ ваквото однесување на Заев ја прелеало чашата на дипломатите кои жестокот реагирале користејќи висок тон , удирајќи по масата и користејќи зборови кои не постојат во дипломатскиот речник.

Во еден момент и евро комесарот Хан го предупредил Заев- Немаш никакво чувство за политика, ќе ја распаднеш и сопствената партија. Доколку продолжиш со опструкциите ќе излезам пред медиумите и јасно ќе кажам дека си виновен за пропаѓањето на преговорите.

По силниот притисок, Заев попуштил и го ставил својот потпис 40 минути пред крајот на средбата.

Во изјава за медиумите тој порача дека во април ќе се случат фер и демократски избори

Договорот значи крај на 6 месечната политичка криза предизвикана од СДСМ. Во пресрет на договорот објавена беше анкетата на Американскиот републикански институт ИРИ која покажа дека и по политичката криза поддршката за владејачката партија е двојно повисока од онаа за СДСМ.