Свет
1. September 2017 - 9:46

Кремљ бара жена за против кандидат на Путин за изборите

Кремљ бара достоен противник на Владимир Путин за претстојните претседателски избори во Русија. Администрацијата размислува да избере жена за „спаринг партнер“ на главниот претендент, пишува весникот „Ведомости“, повикувајќи се на извори блиски до Кремљ.

Според нив, се рагледуваат пет до седум кандидатки, а се шпекулира со имињата на Наталија Великаја од Социјалдемократскиот сојуз на жените, потоа лидерката на Националниот родителски комитет Ирина Волинец и Ирина Петелјаева, сите од партијата „Праведна Русија“.

Според друг извор се наведува дека непартиска личност е идеален кандидат, а се споменува популарната радио и телевизиска водителка Ксенија Собчак, која „демонстрира одраз на модерна млада жена со желба да се впушти во политика“.

- Евентуалното учество на жена кандидат ќе го привлече вниманието кон изборите и ќе значи дека кампањата нема да има женомразечки тон, изјави социологот Андреј Колјадин.

Претседателските избори во Русија треба да се одржат во март 2018 година.