Македонија
30. October 2023 - 14:11

Ковачевски-Лајен: Европската поддршка овозможува економски раст, Северна Македонија станува уште попривлечна за инвеститорите

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во официјалната посета на државава, денеска ја посетија компанијата „Џанвики ДОО“, која е специјализирана за преработка на зеленчук и овошје.

Како што информира владината прес-служба, овој индустриски капацитет е поддржан со претпристапна помош на ЕУ за рурален развој, ИПАРД 2, преку поддршка за изградба на објект за потребите на компанијата, како и соодветна опрема за процесот на производство.

Со износот од околу 2,3 милиони евра обезбедени преку ЕУ фондовите, ова е најголемиот ИПАРД проект во Северна Македонија. Се работи за семеен бизнис, каде главно се вработени жени, и која компанија успешно ги искористила ИПАРД средствата за проширување и модернизирање на своето производство.

Премиерот Ковачевски истакна дека нашата држава денес е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, со 98 отсто искористеност што е, како што рече, најголемо достигнување досега, што е резултат на посветеноста на Владата во обезбедување на неопходната поддршка на полето на руралниот развој и земјоделството.

Со помош на ЕУ, во рамките на ИПАРД 2 програмата, како што истакна премиерот Ковачевски, се склучени над 2.300 договори што резултираше со 60 отсто зголемени нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство преку ИПАРД 3 програмата.

- За време на посетата на компанијата беа претставени можностите и со ИПАРД 3 програмата, а Северна Македонија е прва земја во регионот која ќе ја имплементира оваа програма. Со програмата, ќе се понудат повеќе области за поддршка, но и авансна исплата за предложените бизнис идеи, стои во соопштението.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен ги потенцираше огромните можности за нашата земја преку ИПАРД програмата, како и преку предложениот План за раст со кој вратите на ЕУ за регионот се отворени.

Според фон дер Лајен, ЕУ е посветена на што побрза интеграција и на земјата и на регионот, на коишто преку поддршката од ЕУ и фондовите им се овозможува забрзан економски раст и можности за позитивна трансформација на сите полиња во државите од Западен Балкан.

Со тоа, како што беше истакнато, Северна Македонија ќе стане уште попривлечна за странските инвеститори, а ќе се создадат услови и за уште поголем раст на македонската економија, како и поголеми можности за бизнисите, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места, подобар животен стандард и зголемена финансиска поддршка преку развојните фондови на ЕУ.