Македонија
20. September 2016 - 13:04

Конференција: Редефинирање на мигрантската политика и заедничко решение во ЕУ

Редефинирање на мигрантската политика на ЕУ, најмногу во однос на децата, да се забрза усвојувањето на регулативата за прием на бегалците, да се изгради заедничко ефективно решение и единство во ЕУ и да се зајакне соработката на граѓанскиот сектор, владините тела и меѓународните организации, во пресрет на очекувањето нов миграциски бран следната пролет или лето. Проблем е и тоа што земјите-членки ги прекршуваат законите на Унијата и затоа мора да се преземат мерки и санкции за оние кои ги прекршуваат .

Ова се оценките на учесниците на денешната Меѓународна конференција за мигрантите на тема „Европските вредности и безбедносните ризици за справување со мигрантската и бегалска криза - перспективата на граѓанското општество“, што се одржа во МНР, во партнерска соработка на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при МНР, Европското движење на Република Македонија и Фондацијата Конрад Аденауер, поддржани и кофинансирани од Фондот за соработка на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).

Абдулкадар Мемеди, директор на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика-МНР, кој говореше за минатогодишната мигрантска криза, нагласи дека Република Македонија успешно се соочи со таа криза и ги покажа нејзините европски вредности однесувајќи се како вистинска земја-членка на ЕУ. Според него, на високо ниво беше менаџирана оваа криза и од безбедносен и од граѓански аспект.

Според Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење во Република Македонија, Европа главно се соочува со бегалска криза, во која тешкотиите во рамки на ЕУ произлегуваат од несразмерната одговорност на земјите - членки. 

- Овој политички амбиент е поволен за зајакнување на национализмот и за поттикнување страв од мигрантите меѓу граѓаните. Тоа не оди во прилог на разрешување на мигрантската криза, која го наметна и проблемот на безбедноста, рече Ѓуровска и додаде оти контролата на границите ги доведува во прашање темелите на ЕУ, пред се за слободата за циркулација на луѓе низ европскиот простор.

- Вистинските мерки за надминување на последиците од оваа криза можат да ги дадат активистите на граѓанските здруженија, додека политичарите би требало повеќе да зборуват за причините за кризата и да делуваат во насока на нивно елиминирање, оцени Ѓуровска.

Потсети дека РМ не се соочува првпат со голем број бегалци и потенцира дека во косовската криза за само три дена во нашата држава дојдоа 300 илјади бегалци.

Претседателот на Европското движење во Хрватска Наташа Овенс смета дека солидарноста е клучна, миграциските политики ќе имаат влијание врз сите нас и треба да се изгради заедничка програма, а не да има еднострани дејствија. - Треба да биде јасно дека последната криза на нашите граници е последица на трауматизирани луѓе, кои бараат спас, а не мигранти кои бараат подобар живот, рече Овенс. 

Јоханес Д. Раи, шеф на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје и во Приштина, оцени дека за Македонија би било добро да се одржат предвремени парламентарни избори на 11 декември, како резултат на договорот меѓу политичките партии. Тој смета дека не само регионот на Западен Балкан беше погоден од политичко-економска и социјална криза, и не само ЕУ, туку целиот свет, рече, се чини дека е излезен од рамнотежа.

- Гневен сум поради недостигот на единство во ЕУ. Вчудоневиден сум од нештата што некои луѓе ги посочуваат кон овој регион, што не се точни. Тие треба да воведат ред во својата куќа и да си ја напишат домашната работа. Тоа би можело на сите нам понекогаш да ни помогне, истакна Раи.

Уго Поли од Секретаријатот на ЦЕИ во Трст, говорејќи за активностите на ЦЕИ во однос на прашањата за миграциите, нагласи дека кризата со која се соочуваме, пред да стане миграциска, е криза на владеењето на управувањето за што, како што рече, се виновни земјите-членки на ЕУ и нејзините партнери, кои, според него, веројатно не се способни да се справат со неа.

Во однос на безбедноста и спроведувањето на човековите права, кои се силно зависни, рече, недостигаат ефективни следни чекори или мерки, кои ќе ги унапредат постојаните правни регулативи во справувањето со ова прашање. 

Искуствата на Италија покажале дека е многу тешко да се најдат начини за регистрација за тоа кои се бегалци, а кои мигранти, посочи Виргило Дастоли, претседател на Европското движење во Италија. Првото нешто кое треба да се смени, смета тој, е да се смени регулативата за аплицирање, да се смени начинот на кој се дистрибуираат бегалците низ Европа. Европското движење на Италија ќе предложи, како што рече, во многу градови и села кои се распространети на поширока територија, мигрантите и бегалците да претставуват шанса, а не проблем. - Ако ги отворите и стопанствата и вашите домови кон овие бегалци и економски мигранти, тоа може да претставува една економска шанса и за Европа и за Италија, рече Дастоли.

Проблемот со кој ќе се соочуваме во наредниот период, според Џул Туран, претседател на Европското движење во Турција, е тоа што бранот бегалци и мигранти ќе доаѓа преку централното средоземноморско подрачје, со што најмногу ќе се соочи Италија. 

- Предизвиците со кои ќе се соочуваме во следниот период се како да им се обезбеди засолниште, образование, работни дозволи, па дури и можности за добивање турско државјанство, изјави таа и оцени дека е потребна поголема помош од ЕУ за Турција. 

Денис Серт, од Европската асоцијација на Турција, меѓу другото истакна дека Турција многу подобро се справува со мигрантската криза отколку земјите-членки на ЕУ и посочи дека следен проблем со ќе се соочат најмногу ќе се однесува на образованието, затоа што најголем дел од луѓето кои се дојдени се млада популација.