Македонија
4. November 2016 - 12:18

Концерт на пијанистката Карсу Донмез од Турција

Пијанистката и пејачка Карсу Донмез од Холандија, со турско потекло, вечер ќе одржи концерт во Домот на АРМ. Концертот е во рамки на годинашниве 17. Есенски музички свечености, што ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

Карсу Донмез гостува во Скопје со  поддршка на Турскиот културен центар „Јунус Емре“-Скопје. Со неа ќе настапат Дејви Енди Хенкет-тапани, Март Џенинга-бас гитара, Улрих де Јесус-гитара, Рендел Хеј-труба и Ефе Ердем-тромбон. 

Претставникот од Турскиот културен центар Мухсин Куртиш на денешната прес-конференција рече дека учествуваат и придонесуваат во различни фестивали што се одржуваат во Македонија. 

- Како Институт се залагаме, преку учество на врвни имиња од областа на музиката, литературата, уметноста, филмот, да ги презентираме нашите квалитетни автори во Република Македонија, истакна Куртиш. 

Мирко Стефаноски од Дирекцијата за култура и уметност-Скопје се осврна на добрата соработка со Турскиот културен центар и потсети дека заедно овозможиле во Македонија да гостува Истанбулскиот театар и премиерно да бидат прикажани многу турски филмови. Посетителите имале можност да проследат многу изложби и концерти на турски уметници во рамки на „Скопско лето“. 

- За нас е значајно што добиваме уметници од Турција или со турско потекло, кои ја шират културата и уметноста низ сите европски сцени и со тоа го презентираат и македонското име во Европа, додаде Стефаноски. 

Карсу Донмез, освен што е пејачка и пијанистка, таа е композитор и аранжер. Информира дека во Скопје пристигнала со голема екипа на музичари и додаде оти сите се фасцинирани од градот. 

- Убедена сум и ве уверувам дека вечер, на концертот сите заедно многу ќе се забавуваме, рече Донмез, додавајќи дека ќе свират дела од различни делови на светот. 

Таа е позната и по своите хуманитарни активности и им помага на мигрантите од Сирија. Во моментов работи на проект со децата бегалци, со кои формирала хор.