Македонија
12. March 2016 - 16:22

Кој манипулира со избирачкиот список?

Со стар и неажуриран избирачки список ДИК и МВР ја манипулираат јавноста, обвини денеска партијата ГРОМ на Стевчо Јакимовски.

Од ГРОМ ја прашаа Државната изборна комисија зошто во јавноста го објави избирачкиот список од декември, минатата година иако, законот налага да вршат ажурирање еднаш месечно.

За ГРОМ е нејасно зошто СДСМ молчеше 5 изборни циклуси по ред  иако точно знаеше дека во голем број рурални среди поради немањето на уличен систем, сите гласачи се водеа на една адреса

Од ГРОМ го повикуваат и Јавното обвинителство да провери зошто ДИК објави стар избирачки список и да им стави крај на манипулации кои ги прават СДСМ и МВР.
Но од опозициската партија продолжуваат по старо. Партиските функционери и денеска со низа обвинувања за наводни неправилности во избирачкиот список.

И додека опозицијата обвинува, техничкиот министер за внатрешни работи на СДСМ молчи. Иако има обврска, Оливер Спасовски со денови не презема ништо за да провери, дали гласачите кои СДСМ ги нарекува фантомски имаат валидни лични карти и дали со нив можат да го остварат своето право на глас.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ваквото однесување на СДСМ и Спасовски е резултат на стравот од изборите на 5 јуни. Според нив, спрегата на релација СДСМ, ДИК, МВР треба да и обезбеди на опозицијата алиби за да побегне од изборите на 5 јуни, за кои однапред знае дека ќе ги загуби со огромна разлика бидејќи како што велат, разликата меѓу двете партии не е 1000 туку 200.000 гласови.

Од владејачката партија велат дека граѓаните на дело ги видоа манипулациите на СДСМ кога опозицијата ја обвини пратеничката Рангелова дека истовремено е пријавена за гласање и во скопски Центар и во тетовска Брвеница.

Тоа што на повеќе места низ Македонија се јавуваат голем број на лица кои живеат на иста адреса се должи на фактот дека голем број средини низ земјава се уште немаат систем на адреси, објасни завчера директорот на Агенцијата за Катастар. Тој појасни дека голем дел од граѓаните кои не ги легализирале своите домови или живеат во места каде нема систем на улици немаат соодветни адреси и дека нивната регулација е долготраен процес кој нема никаква врска со избирачкото право.

За експертската јавност, обидот на СДСМ преку системот на адреси да го проблематизира избирачкиот список нема основа. Екс претседателот на ДИК предложен од СДСМ, Александар Новаковски за Сител потенцираше дека никој не може да им го одземе правото на глас на граѓаните само поради проблемите во уличниот систем. И поранешниот член на ДИК од редовите на СДСМ, Тања Алтанџиева смета дека во сите примери кои досега ги посочи опозицијата нема спорни гласачи и дека најважно од се е да се испочитува принципот, еден човек еден глас.