Свет
2. December 2017 - 12:31

Казбек Таисаев: Пјонгјанг подготвен за преговори, но со посредство на Русија

Северна Кореја се самопрогласи за нуклеарна држава и не и треба признание од Западот како услов за преговори за решение на Корејскиот Полуостров, истакна шефот на делегацијата на руската Дума, Казбек Таисаев по враќањето од Пјонгјанг.

Тој нагласи дека Северна Кореја е подготвена за преговори, но со посредство на Русија.

- Ним не им е потребно признание од Западот. Северна Кореја одамне се смета себе си за нуклеарна држава. Освен тоа, откако го извршија најновото ракетно тестирање, на 29 ноември, тие веруваат дека ја достигнале еднаквоста со САД околу прашањето за нуклеарно вооружување, истакна координаторот на групата руски пратеници за односите со севернокорејскиот парламент.

Таисаев додава дека Северна Кореја „не верува никому освен на Русија“.

- Во 2016 година севернокорејските власти и нивниот лидер Ким Џонг-ун беа подготвени да ги прекинат тестирањата, но САД и Јужна Кореја продолжија со воените вежби и провокациите кон Северна Кореја со својата реторика. Сепак, имам чувство дека се подготвени за преговори доколку добијат гаранции дека никој нема да ги нападне, нагласи рускиот претставник.

Таисаев укажа дека Северна Кореја ја оценува активноста на Вашингтон и Сеул во близина на својата граница како „директна закана за својата безбедност“.

Руската делегација предводена од Таисаев престојуваше во Северна Кореја на повик од парламентот на таа земја, во период од 27 ноември до денеска.