Свет
2. November 2017 - 8:52

Каталонските лидери без Пуџдемон пред суд во Мадрид

Сецесионистичките лидери од Каталонија ќе се појават денеска пред суд во Мадрид  поради обвинувања за бунт во момент кога разрешениот претседател на владата на областа Карлес Пуџдемон најави дека нема да отпатува за Мадрид.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој и неговата влада го разрешија Пуџдемон во петокот, неколку часа откако каталонскиот парламент унилатерално прогласи независност - гласањето  беше бојкотирано од страна на опозицијата и прогласено за незаконско од страна на шпанските судови.

Пуџдемон вчера изјави дека нема да може да одговори на прашањата на судот, но тој е подготвен да сведочи од Белгија.

Петнаесетмина ќе сведочат од 9 часот утринава, по локално време,  меѓу кои и заменикот-претседател на владата Ориол Жункерас, осум други членови на Кабинетот и шест регионални пратеници, вклучително и претседателот на каталонскиот парламент, Карме Форкадел.

По првите искази на осомничените, судовите ќе одлучат за евентуално почнување истрага, која може да потрае неколку години и потенцијално да доведе до судење.

Судиите ќе одлучат дали ќе побараат притвор се додека трае истрагата, а можно е да биде одредена кауција или мерка - предавање на нивните пасоши.

Каталонските сецесионистички водачи до петок ќе платат 6,2 милиони евра (7.2 милиони долари) за покривање на потенцијалните обврски кон судот.

Две неодамнешни анкети покажаа поддршка за независноста на Каталонија - 48,7 проценти од Каталонците веруваат дека регионот треба да биде независен, наспроти  41,1 отсто од јуни 2014 година и таа цифра е највисока од декември 2014 година.