Македонија
22. July 2017 - 17:24

Калајџиството како занает полека изумира

Во минатото неможело да се замисли домакинство без бакарни садови. Денеска скорo целосно  и да се исфрлени од употреба или пак се чуваат како сувенири. Со новото време пристигнале и новите современи садови за домакинството, а со тоа полека ама сигурно калајџиството како занает почнало да изумира.  Калајџиските работилници денеска се вистинска реткост. Некогаш само во Струмица имало 26 калајџии, дел од нив работеле по селата а дел имале сопствени работилници. Денеска има само еден калајџија кој повремено ја отвара својата работилница. Тоа е работилницата на Костадин Каракаљашев, професор по географија од Струмица  кој вели дека долго време активно не се занимава со калајџиството,  но му прави чест на занаетот кој го научил од неговиот татко, но и занает   за кој како што вели кога имал потреба му се нашол во животот.

,, Кога дипломирав 1988 година па додека се вработам во 2000 година, дванаесет години ме вадеше од калта овој занает. Не дека печалев,  но ме вадеше пак да не бидам на товар на моите и да бидам принуден некоја ептен физичка работа некаде  да работам.   Сега не го работам занаетот, но некогаш му правам почит затоа што пак си го сакам, еве така калајдисувам некои работи, тави , некои пржалки тави.,, вели Костадин Каракаљашев - калајџија

Каракаљшев во моментов е еден од најмладите мајстори калајџии не само во Струмица туку и во поширокиот југоисточен регион, но и еден од ретките во Македониоја кој има диплома за положен мајсторски испит.

И покрај тоа што ја сака работата не се занимава активно со неа  оти  нема интерес , а работа има повремено, најчесто во периодот на подготовка на зимница кога  некои домакинства практикуваат истата да ја подготвуваат во некогашните бакарни тави. 

Младите воопшто и да не помислуваат  да прашаат , а не да започнат со изучување на занаетот. Мајстор Костадин вели дека во дуќанот многу почесто  му влегуваат туристи отколку некој млад човек кој сака да стане калајџија.

,, Не постои никаков,  никаков интерес некој млад човек да дојде некогаш. Еве јас ќе дојдам некогаш, ретко е тоа можеби еднаш во месецот или двапати и нема да дојде некое дете како што бараат во другите занаети калфа да почне, никој не се заинтересирува за тоа. Добро и потребата сега е таква. Некогаш им е интересно на некои туристи кога ќе дојдат овде или кога поминуваат, гледаат  па ме сликаат, се чудат ова како е, па им објаснувам.,, вели мајстор Каракаљашев

Занаетот е тежок,  интерес  за калајдисување нема но Костадин не се откажува. Вели дуќанот не го затвара и во него ќе доаѓа кога ќе може, во чест на занаетот,  но и за своја душа, а доколку се јави некој кој има потреба од обновување на старите бакарни тави и други садови со задоволство ќе му бидат калајдисани.