Балкан
2. November 2019 - 14:20

Јорук: Дел од сојузниците на Турција во НАТО ги снабдуваат терористите со оружје

Турскиот амбасадор во Тирана, Мурат Ахмет Јорук, гостувајќи во емисијата „Топ талк“ на тиранската телевизија Топ чанел, искажа сериозни обвинувања во врска со воената операција што Турција ја спроведува во северниот дел на Сирија, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Дел од сојузниците на Турција во НАТО ги снабдуваат со оружје терористите на ЈПГ/ПКК кои се вооружено и политичко крило на Курдите во северниот пограничен регион на Сирија со Турција, обвини Јорук.

Не спомена конкретни имиња за тоа кои се овие земји, но рече дека нивното оружје е незаконски внесено во неговата земја, за да се создаде нестабилност преку терористички акти.

– Европа не може да и каже на Турција како треба да постапи. Мојата земја се бори против тероризмот и презема мерки за нејзина национална безбедност, додаде Јорук.

Тој и со предупредување до членовите на терористичката организација ФЕТО во Албанија дека „знаат што ги чека“.

– ФЕТО почна да паѓа во Албанија. Луѓето поврзани со нив се во паника и многу добро знаат што ќе ги снајде. Тука внимателно ги следиме овие луѓе и овие структури. Нивната иднина и судбината ќе бидат со давање отчет пред турската правда. Во соработка со албанските власти донесени се некои одлуки за овој потег и чекорите ќе бидат преземени наскоро, рече турскиот дипломат.

По неуспешниот државен удар во Турција, Анкара испратила список во неколку држави, меѓу кои и во Албанија, на приврзаниците на организацијата ФЕТО, заради нивна ексрадиција во Турција.

– Како што знаете, имаме договор за соработка за безбедност, потпишан за време на посетата на нашиот претседател. Овој договор стапи на сила минатата година. Донесени се некои одлуки и ќе бидат преземени конкретни чекори за да се расчисти постоењето на ФЕТО во Албанија, да се елиминираат овие структури и да се отстранат од Албанија, најави турскиот амбасадор Јорук.