Македонија
23. September 2016 - 17:51

Јанева оздраве – Продолжи собраниската расправа по извештајот на СЈО

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците повтори дека одговорот на прашањето кој и на кој начин од 2008 до 2015 година прислушкувал, е содржано во предметот „Пуч и го обвини Кривичниот суд дека шест месеци не постапил по барање на СЈО.

Јанева, одговарајќи на репликата на Крсто Мукоски, со датуми пред пратениците ги презентираше преземените чекори од СЈО, но и другите судови во однос на барањето да им бидат доставени доказите за предметот „Пуч“. Од страна на СЈО, како што кажа таа, овој предмет бил преземен на 21.12.2015 година, кога до Судот било поднесено барање да им бидат доставени доказите.  

- На 5.5.2016 година, СЈО повторно се обрати до судот согласно решението на Апелациониот суд за да бидат доставени доказите до СЈО. На 30.6. 2016 година до 14.7.2016 беа фотокопирани и снимени сите докази во предметот „Пуч“. Се изгубија повеќе од шест месеци. Можеби и повеќе во овој период во кој можеше да се заврши главната расправа по овој предмет. Прашувам дали Парламентот има намера да ја праша претседателката на Врховен суд и Судскиот совет кој е виновен за ова одлагање на предметот? Шест месеци еден суд да не постапи по едно барање за доставување докази е срамота, рече Јанева.   

Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ и постави повеќе прашања на Јанева, посочувајќи дека таа се ставила над законот и над институциите, дека на вчерашната седница упатила јавна закана кон пратеникот Антонио Милошоски со изјавата дека слушала прислушкувани разговори со него, а оти за ставот дека Парламентот е нелегитимен дека треба да се извини или во спротивно да поднесе оставка. Побара уште еднаш таа во Собранието да достави финансиски извештај. Вие, и се обрати тој на Јанева, си играте мајтап со институцијата што Ве создала. 

- Како и изминатите два дена, останувам на се што сум кажала досега. Немам намера да одговарам на прашања што веќе сум ги одговорила. Што се однесува до финансискиот извештај, тоа е што е напишано во него, други информации нема да дадам, рече Јанева. 

Откако ги слушна нејзините одговори и забелешки дека треба да достави детален финансиски извештај и за нејзиното однесување, Мукоски им се извини на граѓаните што гласал за формирање на Специјалното јавно обвинителство, а одговорите на Јанева и нејзиното однесување ги оквалификува како „врв на ароганција“. 

Во врска со ослободувањето на ексразузнавачот Зоран Верушевски и притворот за битолскиот градоначалник Владимир Талевски, рече дека по СЈО предлага да се определи и да се укине притвор, а судот е тој што го прифаќа или што го одбива барањето. 

- Тоа е борба во судот, а не во Парламент. Грешка е тоа што не викате и барате образложение за нашите предмети. Нашите аргументи и предмети се упатени кон Судот, и ова време што го користите за напад на нас само покажува колку не сакате ние да си ја работиме работата, рече Јанева, која повтори дека не се плаши да одговори на сите прашања и на тоа што смета дека треба да одговори. 

Пратеникот Горан Милевски, кој даде поддршка за Специјалното јавно обвинителство, од говорницата кажа дека исто така ја поддржува иницијативата на неговиот колега Павле Трајанов, Јанева да ги објави имињата на пратениците кои се под истрага. Така, според него, ќе се знае зошто е таква атмосферата на седницата на Комисијата во овие три дена и зошто се изнесени толку навреди кон Јанева.  

Милевски исто така рече дека доколку од неговата партија ЛДП се покаже дека правел криминал ќе биде отстранет од партијата, и оти очекува тоа да го направат и другите партии. 

Во попладневниот дел од седницата на Комисијата за политички систем, пратеникот очекува да добие одговор зошто СЈО не покренало постапка во врска со прислушкуван разговор за тоа дека наводно дваесетина лица гласале два пати во битолско.

Расправата за Извештајот на СЈО во Комисијата за политички систем траев веќи трет ден, а не е исклучено да продолжи и за викендот. Покрај Извештајот на СЈО, треба да биде разгледан и извештајот на Јавното обвинителство на Република Македонија, чиј прв човек е Марко Зврлевски.