Македонија
29. March 2018 - 16:35

Извештај на омбудсманот за 2017. - селективна правда и партизирана и непрофесионална администрација

Селективната правда е се поприсутна, а неефикасното судство и обвинителство поттикнуваат недоверба на граѓаните во институциите. Последниот извештај на Народниот првобранител за заштитата на човековите права и слободи, во кој има намалување на констатираните повреди за околку 6% во однос на минатата година, покажува дека правосудството и натаму е област во која граѓаните најмногу се жалат.

Констатирано е нестручно и несовесно извршување на судската функција, поради постоење на предмети по кои не било постапувано од 5 до 10 години.

Сериозна пречка за остварување на правата на граѓаните е и партизираната и не професионална администрација на централно и локално ниво.

Мемети констатирал постоење на непрофесионален однос и од страна на полицијата, која применувала двојни аршини во работата, поради кои се поднесени 5 барања за утврдување на казнена одговорност против полициски службеници.

Утврдено е и дека социјалната заштита останува систем  со кој не се надминува социјалниот ризик на граѓаните, а лошиот систем на извршување особено го погодува најсиромашниот слој граѓани.