Македонија
24. November 2016 - 13:56

Избрани најдобрите скопски угостителски објекти и кафулиња за 2016 година

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска им ги врачи плакетите на најдобрите угостителски објекти и кафулиња во Скопје за 2016 година. За најдобар ресторан е избран „Фиш“, потоа следат „Лајра“ и „Рагуза“, најдобри три гостилници се „Дукат“, „Срна“ и „Калцона“, а најдобри во категоријата кафе барови се „Скај бар Русија“, „АБЦ кафе бар“ и „Баду бар“.

- Целта е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата кон клиентите во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет и на целокупниот амбиент во угостителските објекти на територијата на градот, порача Трајановски.

Прецизира дека тајните купувачи, ангажирани од Агенцијата SWOT Research, ги завршиле трите обиколки на 100-те угостителски објекти, како и 70-те кафе барови кои по случаен избор влегоа во трката за „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите 2016“ и избор на најдобро кафуле, по што следеше сумирање на резултатите, од кои ќе произлезат заклучоци и препораки за подобрување на услугата во иднина.

Тајните купувачи, посочи, ги оцени 50-те ресторани, 50-те гостилници и 70-те кафе барови, според примарните критериуми: прв контакт, хигиена на објектот, тоалет, амбиент, услуга на келнерите, општа услуга, квалитет на храна (само за ресторани и гостилници) и завршен контакт, врз основа на кои по направената евалуација изготвија извештаи.

- Оваа година има пораст на резултатите и кај рестораните и кај гостилниците, особено што кај рестораните е забележан највисок резултат во споредба со претходните осум години. Според оценките, најдобрите три ресторани, три гостилници и три кафе барови ќе добијат признанија за својот квалитет и престиж, истакна Трајановски.

Кристијана Ивановска Доревска од Агенцијата СВОТ ДООЕЛ - Скопје, што го спроведе истражувањето, рече дека во текот на истражувањето, во периодот од 1 до 30 септември, за кафе баровите и од 1 до 31 октомври за рестораните и гостилниците, биле опфатени 50 ресторани, 50 гостилници и 70 кафулиња на територијата на Скопје. Спроведени биле вкупно 300 посети на гостилниците и рестораните, а во кафулињата имало 210 посети, односно секој објект бил посетен 3 пати.

Според истражувањето, 16 гостилници и 24 ресторани оствариле високи резултати од над 90 отсто, а ниту еден угостителски објект немал резултат под 50 отсто. Кај кафулињата, пак, само едно остварило високи резултати над 90 отсто, но немало ниту едно со резултат под 50 отсто.