Македонија
22. September 2016 - 22:53

Иванов за мигрантската криза: Република Македонија придонесе за безбедноста на Европа

Горд сум што како Врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации, говорејќи за мигрантската и бегалска криза.

- Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира, рече претседателот Иванов.

Од првиот ден на независноста, рече претседателот Иванов, се соочуваме со постојани и директни закани кои доаѓаат од територии на земји членки на ЕУ и НАТО, или земји под управа на Обединетите нации.

- Голем дел од нашите внатрешни ризици и опасности се последица на увезени кризи. Со исклучок на билатералната поддршка за која сме многу благодарни, Република Македонија сама се справува со кризите и со намалувањето на ризиците. Преземаме мерки и носиме одлуки за заштита на нашата, а со тоа и на европската територија. За тоа трпиме критика и закани преку блокирање на нашата интеграција. Неодлучноста на ЕУ да се справи со мигрантската криза ја загрози безбедноста на Република Македонија. Бевме првата држава во Европа која прогласи кризна состојба и ја распореди армијата на своите граници. Горд сум што како Врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија. Знам дека многумина во Европа се благодарни за она што Република Македонија го прави за нив. Некои се похрабри и признаваат, некои се помалку храбри, но верувам го почитуваат тоа, рече претседателот Иванов во говорот на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.

Досегашниот однос кон мигрантите, оцени претседателот Иванов, во некои европски земји направија гета без ѕидови, во кое различните се толерираат без вистински да се почитуваат, во кое се трпат, без да се прифаќаат. Ваквиот однос водеше кон изолационизам, отуѓување и плодна почва за радикализам, насилен екстремизам и тероризам, оцени претседателот Иванов.

Друг клучен проблем со кој се соочува европскиот континент, според претседателот Иванов, е заканата од тероризам.

- Од почетокот на овој милениум, ние сме во отворена борба со глобалниот тероризам. Република Македонија е дел од коалицијата што во изминатите 15 години уништи многу терористички ќелии, доби многу битки, но се уште не ја доби војната против тероризмот. На овој план се соочуваме со сериозен предизвик, рече претседателот Иванов.

Ние не си имаме работа со организации, туку со движења за освојување територии, придвижени од идеи што надминува етнички, јазични и културни разлики. За да победиме во борбата против тероризмот, не се доволни воени трупи. Неопходно е борбата да ја водиме и со идеи. На радикализацијата да се спротивставиме со програми за контра-радикализација, рече претседателот Иванов во својот говор на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.