Македонија
24. February 2016 - 13:59

Иванов: Мора да се стави крај на политичката криза

Конечно треба да се стави крај на политичката криза, за да имаме влада со целосен политички легитимитет  и  институции кои ќе можат да се справат со безбедносните предизвици  кои ја очекуваат Република Македонија, порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, запрашан за став околу политичката криза и вчерашниот договор кој го постигнаа лидерите на политичките партии.

Претседателот Иванов, одговарајќи на новинарско преашање при денешната посета на Кратово, изрази незадоволство од, како што рече, неодговорното однесување на поединци и политички партии кои само ја усложнуваат состојбата во Република Македонија, како и од нивното отсуство на чувство за државност во моменти кога како држава, регион, па и Европа, се соочуваме со бегалска и мигрантска криза.

- Се соочуваме со бегалска и мигрантска криза која носи безбедносни ризици и  недозволиво е такво однесување на тие што се нафатиле да бидат во политика. Политиката бара и одговорно однесување на секој поединец и на секој што е вклучен во носењето одлуки од интерес за сите граѓани, изјави македонскиот претседател  и додаде дека  граѓаните не можат да бидат заложници на нечии фрустрации и на деструктивно однесување. 

Македонскиот претседател предупреди дека не очекува уште поголем бран на бегалци и дека е неопходно институциите да се посветат на справување со безбедносните предизвици и да нудат решенија, а не дополнително да ги комплицираат состојбите.

- Нашите институции наместо да се преокупирани со тие безбедносни ризици и прашања, ние се трошиме во меѓусебни расправии, деструктивно однесување и дури, дозволете ми да кажам, гнасно однесување на поединци кои го злоупотребуваат она што им го дале граѓаните и ги избрале на функции, изјави претседателот Иванов.

Иванов порача дека политичката криза во државата негативно  влијае не само на граѓаните и на меѓучовечките односи, туку и на стопанството и на бизнис климата.